„90% ОД ВЕТУВАЊАТА СЕ ИСПОЛНЕТИ, СЕГА ПРОДОЛЖУВАМЕ“ Герасимовски ги повика граѓаните на мобилизација за победа
Кандидатот на СДСМ за Центар вети продолжување на проектите и нови решенија за подобар живот на граѓаните.
Синоќа во Дебар Маало беше отворен централниот изборен штаб на кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски. Настанот го посетија голем број граѓани и поддржувачи кои со своето присуство ја потврдија довербата во неговата кандидатура за втор мандат.
Во своето обраќање, Герасимовски нагласи дека ќе продолжи со работа посветена на граѓаните и за подобар квалитет на живот во Центар.
– Со гордост и со факти покажавме дека во над 90 проценти ја исполнивме нашата програма. Денеска Центар, по мислење на многумина, е најдобрата општина во државата. Воведовме нов начин на управување. Секогаш сме со граѓаните, слушаме, се консултираме и сме присутни на терен. Сè што правевме беше единствено за граѓаните на Центар што го сакаме. Затоа решив да продолжиме заедно, за Центар да биде уште подобар – истакна Герасимовски.
Тој додаде дека зад себе има резултати, програма, но и енергија и емоција за нови предизвици.
– Од срце ве повикувам на целосна мобилизација. Ве повикувам да бидеме дел од заедничкиот успех и заедничката победа за Центар што го сакаме. Да живее Центар, за победа! – порача кандидатот на СДСМ.
Денеска, Герасимовски ќе продолжи со средби со жителите на Центар на булевар Партизански одреди, каде ќе разговара за нивните потреби, идеи и предлози за идниот развој на општината.