ЌЕ СЕ ПРАВИ НАЦИОНАЛЕН ВАСКУЛАРЕН ЦЕНТАР Државната кардиохирургија има модерна хибридна операциона сала
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска ја посетија Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, по повод промоција на надградена хибридна сала во оваа установа, која е единствена во регионот од ваков вид.
– Продолжуваме со инвестиции од инфраструктурна и техничка гледна точка. Денеска сме тука по повод надградба на хибридната сала, што е единствена хибридна операциона сала во нашата држава и пошироко во регионот. Станува збор за современа апаратура што овозможува детекција, анамнеза и интервенција, а потоа и следење на здравствената состојба на пациентот при кардиохируршките интервенции – посочи министерот Алиу.
Со новиот компјутерски томограф, за кој се обезбедени средства од Министерството за здравство во вредност од 2 милиона евра, со најсовремени софтвери, овозможени се услови со кои земјава се вбројува меѓу водечките центри во оваа област. Софтверите на ангиографот и томографот се целосно комплементарни и овозможуваат највисок стандард во ендоваскуларниот третман, соопшти Министерството за здравство.
– Тоа што денеска го видовме е нешто што можеме ние да го видиме овде во Скопје, во Клиничкиот центар, во зградата на Кардиологија и Кардиохирургија, но тоа не можат да го видат клиниките во Белград, во Загреб или во Љубљана, на пример. И треба да сме среќни и ваков тип на проекти треба да поздравуваме, затоа што тоа што пациентите можат да го добијат во Македонија не можат да го добијат, да речеме пациентите во Белград, Загреб и во Љубљана – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата планира процесот на интегрирање на клиничкиот центар да го започне со интегрирање на кардиологија и кардиохирургија во национален васкуларен центар.
– И тој е веќе почнат со подготовки. Поради изборите би рекол дека е во фаза на подготовка, но веднаш после изборите поробустно, поинтензивно ќе продолжиме со тој процес – рече Мицкоски.