ТРАМП ГО СКРШИ КИНЕСКИОТ ГИГАНТ ТикТок преминува во рацете на американските инвеститори

Со договорот, „ByteDance“ ќе задржи помалку од 20% сопственост, додека американски инвеститори ќе ја преземат контролата врз најпопуларната видео апликација.

273

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна уредба со која се финализира планот за продажба на американското работење на апликацијата ТикТок на американски и глобални инвеститори. Одлуката е во согласност со законот од 2024 година, кој предвидува забрана на апликацијата доколку нејзините кинески сопственици не ја продадат.

Според уредбата, ТикТок ќе биде ставен под мнозинска сопственост и контрола на американски субјекти. Белата куќа соопшти дека договорот ќе опфати и интензивно следење на ажурирањата на софтверот, алгоритмите и протокот на податоци, со цел заштита на националната безбедност.






Кинеската компанија „ByteDance“ и нејзините подружници ќе задржат помалку од 20 проценти во новиот заеднички проект. Со него ќе управува нов управен одбор, при што, како што се нагласува во уредбата, „соодветно ќе се штитат податоците на Американците“.

Потпретседателот Џеј Ди Венс изјави дека новата американска компанија ќе биде проценета на околу 14 милијарди долари.

– Имаше одреден отпор од кинеска страна, но основната работа што сакавме да ја постигнеме е да обезбедиме ТикТок да продолжи да работи, но и да ја заштитиме приватноста на податоците на Американците, како што наложува законот – рече Венс.

Претседателот Трамп изјави дека разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг, кој ги одобрил американските напори. Тој најави дека во договорот ќе се вклучат Мајкл Дел, Руперт Мардок и уште неколку светски познати инвеститори кои ќе бидат дел од купувањето на американскиот бизнис на ТикТок.

Трамп претходно ја одложи примената на законот до 16 декември, со цел да се обезбеди новата американска имотна структура на апликацијата и да се добие одобрение од кинеската влада.

Инаку, американскиот претседател често нагласува дека ТикТок одиграл улога во неговата изборна победа минатата година, каде што има 15 милиони следбеници. Белата куќа, исто така, минатиот месец отвори официјален профил на платформата.

Од друга страна, дел од конгресмените републиканци побараа дополнителни детали за договорот.

– Како што деталите се финализираат, мора да обезбедиме договорот да ги заштити американските корисници од влијание и надзор на групи поврзани со кинеската комунистичка партија – изјавија американските конгресмени Брет Гатри, Гас Билиракис и Ричард Хадсон.

Поврзани содржини