ЗА ПОВЕЌЕ ТЕАТАР И ПОМАЛКУ ПОЛИТИКА Ќерката на Ристо Шишков подготви изложба на фотографии од својот татко кој едвај го памети
„На отварањето на изложбата на фотографии од мојот татко малку ќе говорам јас како негова ќерка, но мислам дека ќе земат збор повеќе луѓе кои можеби имаат поголема историја од сеќавања од боемските средби. Јас таква чест немав со оглед на тоа што кога почина Шишков во 1986 година, имав само шест години“, вели Јоана Шишкова воочи изложбата која се отвара на 26 септември, петок, од 20 часот во Бифе Тафталиџе
На 26 септември (петок), со почеток од 20 часот во Бифе Тафталиџе ќе биде отворена изложбата за животот и делото на актерот Ристо Шишков, под наслов „Спиеме на духовни огнови, се грееме на вчерашни весници“.
– Идејата за оваа изложба беше на Саша (Шотаровски) и ја прифатив како одлична можност да се присетиме на богатиот творечки опус на Актерот со оглед на позитивните искуства од претходната соработка која ја имавме. Нема некој посебен повод врзан за овој конкретен датум освен идејата дека секој еден ден е убав ден да се слави уметноста на ентузијастот и да се разменат искуства и мисли – вели Јоана Шишкова Медаровска, ќерка на на великанот на македонското глумиште, Ристо Шишков.
Изложбата е составена од 17 професионални фотографии (дел од филмови, дел од театарски претстави на Ристо Шишков) и е од отворен карактер.
– Изложбата е посветена на човекот кој ги љуби луѓето без предрасуди, без очекувања и побуди. Поканети се сите кои сакаат да си спомнат за неговата професионална виртуозност и креативна дисциплина, за вредностите на достојност и истрајност. На отварањето малку ќе говорам јас како негова ќерка, но мислам дека збор ќе земат повеќе луѓе кои можеби имаат поголема историја од сеќавања од боемските средби. Јас таква чест немав со оглед на тоа што кога почина Шишков во 1986 година, имав само шест години и моите сеќавања се како еден албум сликички собирани низ годините преку исказите на блиски и далечни пријатели. Но, одушевувањето не е ни далеку помало иако времето врви како немирна вода. Настанот ќе биде од чист интеркултурен карактер со уметничка и човечка желба за повеќе театар и помалку политика – вели Јоана.
Таа, за разлика од своите родители, актерот Ристо Шишков и примабалерината на Македонската опера и балет, Зоица Пуровска Велевска, како и од својот брат, актерот Васил Шишков кој почина во 2014-та година на приближна возраст како и татко му, наместо на сцената, се чувствува подобро зад неа.
Таа се нашла себеси во пишаниот збор и е автор на поетските книги: „Креативна бурлеска“ и „Крилести одаи“. Авторка е и на студијата „Интеркултурна комуникација на танцови идентитети“, издание на книгоиздателството „Феникс“.