КРИТИЧНО НА ДОБРА ВОДА, КАЈ ГОШИНЦЕ… Четири активни пожари во Македонија, исто толку под контрола

ЦУК алармира за зголемен број пожари низ земјава, пожарникарите со напори ја стабилизираат состојбата.

243

На територијата на Македонија до пладне се регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор, од кои четири сè уште се активни, четири се ставени под контрола, а еден е целосно изгаснат, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Најтешката состојба е во општина Македонски Брод, каде што над селото Бенче, на планината Добра Вода, гори дабова шума и папрат. Во Чучер Сандево огнот се проширува меѓу селата Малино и Танушевци и зафаќа мешана шума, додека во Липково пламените јазици ја зафатија шумата кај селото Гошинце. Во Долнени, пак, пожар се шири кај селото Ропотово, каде што гори ниска вегетација.






Дел од пожарите се ставени под контрола. На Кожуф планина, во општина Гевгелија, гореше букова шума, но пожарникарите успеале да ја стабилизираат состојбата. Слична е ситуацијата и кај скопската општина Гази Баба, во атарот на селото Виниче, каде огнот зафати нискостеблеста шума во месноста Муратица. Контролиран е и пожарот во Батинци, општина Студеничани, кој се проширил на ниска вегетација и мешана шума, како и оној на градската депонија Острец во Делчево, каде што гореше ѓубре.

Според ЦУК, пожарот во Гостивар, во населбата Циглана, каде што гореше ѓубре, е целосно изгаснат.

Службите за противпожарна заштита остануваат на терен за да спречат евентуални повторни палења и ширење на огнот.

Поврзани содржини