ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР СЕ ИЗВЛЕКОЛ ОД ЗАГУБИТЕ ОД ПРЕТХОДНИТЕ 2 ГОДИНИ Ќе се воведат нови регистри кои ќе бидат од корист за фирмите и за државата

Поради недомаќинското работење на менаџментот на оваа институција во изминатите две години Централниот регистар бележел загуба, во 2023 година од 11.092.390 денари, а во 2024 година од 54.926.010 денари.

200

Централниот регистар со својата достапност и брзина стана точката од која почнуваат многу деловни приказни, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето 24 години од формирањето на Централниот регистар.

Според Мицкоски, траекторијата на Централниот регистар во изминатите 24 години ја одбележуваат мотивација, посветеност и резулати и ја потврдуваат нејзината улога како столб на македонската економија.






– Изградбата на современа и ефикасна администрација базирана на дигитализација и насочена кон брзи и квалитетни услуги за граѓаните и компаниите е процес што бара време, упорност и висија. Денес Централниот регистар е пример токму за тоа, модерна и современа организација која со своето работење создава услови за подобра економија, поголем развој и стабилност на државата – рече Мицкоски на свеченоста во Клубот на пратеници.

Тој посочи дека за забрзан и одржлив економски раст и подобар животен стандард и квалитет на живот на граѓаните неопходно е да се обезбедии стабилна бизнис клима, олеснети услови за почнување и водење бизнис, повеќе инвестиции.

– Централниот регистар со своите услуги претставува клучен промотор на бизнисот и старт ап еко системите. Со својата достапност и брзина оваа институција стана точката од која почнуваат многу деловни приказни – рече Мицкоски.

Посебно е значајно, истакна премиерот, што Централниот регистар не застанува само на дигитализацијата туку активно се вградува во европските стандарди за транспарентност, борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.

Тој посочи дека е пример на иновативност, транспарентност и постојано усовршување, потсетувајќи дека е највисоко рангирана институција во државата според евалуациите на Министерството за јавна администрација.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска оцени дека Централниот регистар претставува столб на економската и правната инфраструктура и е клучна алка во креирањето поволна деловна клима, унапредувањето на транспарентноста и заштитата на правата на правните и физичките лица.

Димитриеска-Кочоска посочи дека вмрежувањето и заедничкото градење на институционални капацитети се клуч за силно и активно граѓанско општество.

– За да изградиме функционална пазарна економија што се темели на знаење, иновации и одржлив развој, мора да имаме силни институции и здрава деловна клима. Токму затоа, соработката со Централниот регистар е од суштинско значење – рече министерката Димититриеска-Кочоска.

Таа оцени дека во изминатиот период Централниот регистар се етаблирал како доверлива и современа институција, којашто има значајна улога во изградбата на ефикасен, транспарентен и модерен институционален систем. Таа истакна дека преку водењето на различните регистри обезбедува темелна поддршка за функционирањето на пазарната економија, заштитата на инвестициите и довербата во институциите и придонесува за зголемена правна сигурност и побрз економски развој.

Министерката најави дека со цел обезбедување статистички податоци и показатели за државната економија, кои ќе се користат за пресметка на индикаторите за мерење на обемот и за редовно следење на неформалната економија, ќе се работи на усовршување на системите за генерирање, следење и мерење на показателите за правните субјекти, кои имаат влијание во формирањето поволна деловна клима за инвеститорите. Ја потенцираше и важноста на Централниот регистар во борбата против сивата економија, зголемувањето на фискалната дисциплина и унапредувањето на деловната етика.

Директорката на Централниот регистар Анита Стамнова укажа дека услугите на оваа институција се директно поврзани со секојдневното работење на компаниите, а навремената, точна и квалитетна информација е од суштинско значење за донесување вистински одлуки за правните субјекти.

Во таа насока, наброја дека презентирале начини на користење на системите за дистрибуција на информации, електронски документи, можности за креирање пакет-информации, можности за следење настанати промени и добивање известување при настаната промена, користење веб-сервиси за размена на податоци меѓу Централен регистар и корисниците, како и примена на новата Национална класификација на дејности НКД рев. 2.1 при поднесување на годишните сметки за 2024 година.

Централниот регистар, меѓу останатото, ги интензивирал проектите за усовршување и дигитализација на системите со Министерството за дигитална трансформација, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Царинската управа и Клириншката куќа на интербанкарскиот систем.

– Централен регистар, како институција одговорна за создавање услови за почнување бизнис, дава огромна поддршка за инвеститорите и за сите фактори во водењето бизнис. И во периодот што претстои, неуморно ќе работиме на развој на поволна клима за соработка со претпријатијата, коморите и со амбасадите, со цел да обезбедиме поддршка и олеснување на деловните процесите – рече Стамнова.

Таа соопшти и дека поради недомаќинското работење на менаџментот на оваа институција во изминатите две години Централниот регистар бележел загуба, во 2023 година од 11.092.390 денари, а во 2024 година од 54.926.010 денари.

– Оваа година, со соодветно планирање, со напор, со мотивација и со домаќинско работење, институцијата ќе ја заврши годината позитивно, со деветцифрени бројки, кои не би ги обелоденувала веднаш туку по завршување на оваа фискална година. Вишокот средства остварени во текот на оваа година ќе бидат вложени во развој на Централниот регистар, неопходен за соодветно одржување на системите, движејќи се по внимателно проектирана развојна стратегија на која работиме во моментов, пред сè, на воведување нови регистри, а со тоа и нови податоци што ќе бидат помош и поддршка на државата и на Владата во донесувањето одлуки и при проекција на развојот на економијата, но и за заштитата на граѓаните и на материјалните добра. Исто така, ќе вложиме и во доекипирање на новите простории во Скопје, но и во реновирање на канцелариите во градовите низ државата, пред сè, за создавање соодветни услови за работа на вработените – најави Стамнова.

Според министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Централниот регистар е симбол на модерна и ефикасна администрација, институција која денес управува со десетици регистри, нуди над 100 услуги и е прва адреса за секој што сака да започне бизнис во Македонија.

– Централниот регистар беше меѓу првите институции кои се приклучија на платформата на интероперабилност и денес таа размена на информации меѓу институциите се одвива на стандарден, безбеден и унифициран начин, овозможувајќи услуги без хартија, без чекање и без непотребна бирократија. Централниот регистар на платформата за интероперабилност на месечно ниво прави над 100.000 трансакции – изјави министерот Андоновски.

 

Поврзани содржини