СКОПЈАНИ ОСТАНУВААТ БЕЗ ПРЕВОЗ? Нафта има само за денес, утре автобуси на ЈСП можеби ќе нема

Нафта за автобусите на ЈСП обезбедена само за вчерашниот и денешниот ден, утре превозот во Скопје е под голем знак прашалник. Советот на Град Скопје сè уште нема закажано итна седница за решавање на проблемот.

1,551

Градскиот превоз во Скопје виси на конец, бидејќи иако вчера биле обезбедени околу 20 тони гориво за автобусите на ЈСП, тоа било доволно само за вчерашниот и денешниот ден. Од утре никој не гарантира дека возилата ќе излезат на улица.

Иако граѓаните утрово повторно беа сведоци на хаос во превозот, каде што сообраќаа само приватните автобуси, а не и оние на ЈСП, засега нема закажана итна седница на Советот на Град Скопје за решавање на проблемот.






– Засега нема повикано седница, ниту од страна на град Скопје, ниту од советниците. Дополнителна осакатеност е тоа што Советот, по преминувањето на Трајко Славески, нема претседател и секоја седница индивидуално се назначува. Засега седница нема закажано, особено не за точката за која ме прашувате – изјави независниот советник и поранешен заменик градоначалник Александар Трајановски за МИА.

Град Скопје вчера реагираше дека компанијата „Пуцко петрол“ ја прекинала испораката на нафта иако имала активен договор со ЈСП.

„Под силен политички притисок уценетиот Асмир Јахоски од ‘Пуцко петрол’ се приклучува на обидите за креирање хаос во Скопје. Иако има активен договор со ЈСП за испорака на нафта, тој ја прекина доставата“, стои во реакцијата од градските власти.

Од Град Скопје дополнително најавуваат покренување постапка за материјална и кривична одговорност кон „Пуцко петрол“ и сопственикот Јахоски, поради, како што велат, непочитување на договорот за снабдување со гориво и намерна блокада на јавниот превоз.

Во меѓувреме, скопјани се соочуваат со неизвесност, денес автобусите на ЈСП уште се движат, но утрешниот ден останува под голем знак прашалник.

Поврзани содржини