ФРАНЦИЈА, БЕЛГИЈА И НОВ ЗЕЛАНД ЌЕ ЈА ПРИЗНААТ ПАЛЕСТИНА Велика Британија и Португалија веќе тоа го сторија, расте притисокот врз Израел
Земјите учеснички на денешната Конференција на Обединетите Нации во Њујорк, чиј домаќин е Франција, имаат цел да ги одржат живи надежите за дипломатско решение што предвидува палестинска држава покрај Израел.
За време на денешната Конференција на Обединетите Нации во Њујорк неколку земји планираат формално да ја признаат палестинската држава. Настанот се организира пред годишниот собир на светските лидери на Генералното собрание на ОН, јави ДПА.
Францускиот претседател Емануел Макрон е домаќин на конференцијата на ОН заедно со Саудиска Арабија, која започнува во 15 часот (19 часот по Гринич). Тој ќе го промовира решението за две држави.
Покрај Франција, и Белгија и Нов Зеланд објавија или посочија планови за признавање на Палестина и покрај жестокото противење на Израел.
Велика Британија, Канада и Австралија овој чекор го направија вчера, со што станаа првите големи западни економии што ја признаа палестинската државност. На денешната конференција во ОН свои говори ќе имаат и британскиот премиер Кир Стармер и канадскиот премиер Марк Карни.
Земјите учеснички имаат цел да ги одржат живи надежите за дипломатско решение што предвидува палестинска држава покрај Израел.
Вчера и Португалија официјално ја призна независноста на палестинската држава.
– Признавањето на државата Палестина е исполнување на фундаменталната, конзистентна и широко прифатена политика, изјави португалскиот министер за надворешни работи, Пауло Рангел пред новинарите во Њујорк.
Рангел додаде дека „Португалија се залага за решение со две држави како единствен начин за праведен и траен мир, мир што промовира коегзистенција и мирни односи меѓу Израел и Палестина“.
Критичарите предупредуваат дека притисокот врз Израел може дополнително да ги ескалира тензиите.
Израел и неговиот сојузник, САД, ја бојкотираат конференцијата. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ќе присуствува како поддржувач на решението за две држави, иако Берлин моментално се спротивставува на формалното признавање на Палестина.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ќе учествува преку видео врска откако, администрацијата на Трамп му одби виза.
Годишната Генерална дебата на ОН започнува утре и се очекува да присуствуваат околу 150 шефови на држави и влади.
Независноста на палестинската држава е поддржана од повеќе од 150 земји во светот.
„СЕГА Е МОМЕНТОТ ЗА ПРИЗНАВАЊЕ“ Велика Британија, Канада и Австралија ја признаа Палестина