ГРАЃАНИТЕ РЕКОА, ОПШТИНАТА ГИ СЛУШАШЕ Улицата „Костурски херои“ доби нов изглед и безбедност за пешаците
Општина Центар го реши проблемот со непрописното паркирање кај Универзална сала и најавува нови мерки за уредување на јавниот простор.
На улицата Костурски херои во населбата Буњаковец поставени се нови столпчиња со цел да се подобри протокот на сообраќајот и да се зголеми безбедноста на граѓаните. Со оваа мерка, Општина Центар реши долгогодишен проблем со непрописното паркирање на автомобили и таксисти кај Универзалната сала, што често предизвикуваше застои и опасности за пешаците.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, потенцира дека иницијативата произлегла директно од барањата на граѓаните.
– Оваа идеја произлезе од барањата на центарци во рамки на караванот Се гледаме во маало, каде што граѓаните активно учествуваа со предлози и идеи за подобрување на населбите во кои живеат. Со поставувањето на столпчињата на овој дел од Буњаковец, покажуваме дека го слушаме гласот на граѓаните и ги реализираме нивните барања. Ветивме и реализиравме – изјави Герасимовски.
Со новите столпчиња, улицата добива целосна функционалност – обезбеден е непречен проток на сообраќајот, подобрена е безбедноста на пешаците, а граѓаните можат слободно да се движат без пречки од неправилно паркирани возила.
Од Општината најавуваат дека ваквите мерки нема да застанат тука. Ќе се продолжи со уредување на јавниот простор и поставување слични решенија и во други делови од Центар, со цел да се зголеми безбедноста и да се овозможи поквалитетно секојдневие за сите жители.