🎥 ОСМАНИ ПЛАЌАЛ 500 ЕВРА НА ДЕН ЗА ВИП АВТОМОБИЛ ЗА ВРЕМЕ НА СОВЕТОТ НА ОБСЕ Зошто превозот на министрите ја чинел Македонија три пати поскапо, прашува Вреди 

Вреди бара одговори од поранешниот министер Бујар Османи, како и да се отвори кривична истрага за сите лица вклучени во засегнатиот договор. Вреди бара Државниот завод за ревизија да изврши целосна проверка на набавките во МНР за време на мандатот на Османи.

886

Македонија платила три пати поскапо за исти возила, од иста компанија, во исто време кога се одржувал министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје во 2023 година, обвини Арбер Кадриу од коалицијата Вреди, денеска на прес конференција.

Тој го презентираше договорот за изнајмување возила за потребите на Министерството за надворешни работи при организацијата на министерскиот совет на ОБСЕ, кој се одржа во декември 2023 година.
Кадриу тврди дека овој документ е непобитен доказ за коруптивниот начин на кој работел тогашниот министер Бујар Османи.






– Договорот е склучен на износ од 56.640.000 денари за само два дена од настанот, без механизми за контрола и потврда на бројот на ангажирани возила. Во него јасно се гледаат астрономските цени што државата ги плаќала: VIP автомобил: 29.000 денари на ден (без ДДВ), возило од средна класа: 23.000 денари на ден (без ДДВ), миниван 8+1: 19.200 денари на ден (без ДДВ) – рече Кадриу.

Тој посочи дека само еден месец претходно, истиот оператор склучил договор со МНР за редовни потреби по цена од само 9.500 денари за ист тип возило со возач.

– Тоа значи дека државата платила три пати поскапо за исти возила, од истата компанија, во исто време. Ова е системска корупција. Ова не е административна грешка, ова е свесно донесена одлука која штетела на буџетот и на граѓаните. Нема записник или доказ колку возила биле користени. Нема внатрешна контрола, ниту службена потврда на реализацијата. Нема транспарентност во критериумите и во изборот на операторот. Ова е класичен модел на излевање на јавни пари во приватни џебови. Ова е начинот како работел Бујар Османи како министер за надворешни работи. Ова се тврдења на Државниот завод за ревизија, не наши, на Вреди – рече Кадриу.

Тој го праша Османи: Кој го потврдил бројот на возила и реализацијата на договорот? Зошто цените биле три пати повисоки за исти услуги и од ист оператор? Кој профитирал од оваа шема и зошто не постоела комисија за прием на услугите?

– Доколку нема логични и адекватни одговори, ние бараме да се отвори кривична истрага за сите лица вклучени во овој договор. Бараме и да се активира Државниот завод за ревизија за целосна проверка на набавките во МНР за време на мандатот на Бујар Османи – рече Кадриу.

Тој нагласи дека Османи е должник пред граѓаните, дека го потпишал договорот во свој мандат и со свој потпис ја одобрил астрономската цена и дека не може да се крие зад службеници и процедури.

– Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите граѓани внимателно да го погледнат овој договор, ова е вистинското лице на политичката корупција. Ваквиот модел на работа мора да заврши. Вреди ќе продолжи да ја открива вистината и да се бори за чесно, одговорно и транспарентно управување со државните пари – порача Кадриу.

Поврзани содржини