КРЕДИТ ЗА ПРВ СТАН ЌЕ СЕ ЗЕМА СО УЧЕСТВО ОД 10% Славески очекува и пониски камати кои би им заштедиле илјадници евра на младите брачни двојки

Давањето на ваквите кредити ќе подлежи на контрола, а измамата, односно давањето неточни податоци се смета за кривично дело. Ако Банката утврди ваква измама, ќе може да ја смени каматната стапка на кредитот.

2,435

Од 1 декември банките ќе можат да даваат станбени кредити за прв стан или за изградба на куќа со учество од 10% од вредноста на станот, но под одредени услови.

– Очекувам дека нашите банки, во согласност со практиката присутна во голем број земји во светот, на кредитобарателите коишто за првпат купуваат стан како примарно живеалиште, ќе им понудат кредити по каматни стапки пониски за 0,5 до 0,75 процентни поени, што би придонесло за заштеди изразени во илјадници евра – изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.






Тој денеска ги соопшти измените на правилата на Народната банка во однос на утврдување на кредитоспособноста на граѓаните кои земаат станбен кредит. При тоа рече дека со новите правила се одвојуваат кредитите за прв стан кои стануваат поповолни, од кредитите за купување стан кој се смета за инвестиција односно станови кои не се наменети за живеење на сопствениците. За нив условите стануваат построги.

– За корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента – рече Славески.

Тој објасни дека граѓаните кои ќе купуваат стан или ќе градат куќа во кои нема да живеат – инвестиции ќе треба да дадат повисоко учество за добивање станбен кредит, а ќе плаќаат повисоки каматни стапки.

– Минималното сопствено учество за овие кредити се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. За овие баратели на кредити се предвидуваат пониски лимити на показателот ДСТИ и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента – рече Славески.

Новите правила, како што рече Славески, ќе важат од 1 декември.

Гувернерот рече дека граѓаните кои ќе бараат станбен кредит под поволни услови за прв стан или за изградба на куќа ќе треба да исполнат неколку услови со кои ќе докажат дека кредитот е за стан или куќа во кои ќе се живеат.

Давањето на ваквите кредити ќе подлежи на контрола, а измамата, односно давањето неточни податоци се смета за кривично дело. Ако Банката утврди ваква измама, ќе може да ја смени каматната стапка на кредитот.

Славески појасни дека последните промени имаат превентивен карактер.

– Нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не ги погодиме оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити – рече Славески.

Тој додаде дека со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.

Поврзани содржини