ДРИСЛА БАРА ПОЛИЦИЈАТА ДА ГИ ФАТИ ПОТПАЛУВАЧИТЕ Раководството се сомнева дека пожарот е политички мотивиран
Апелираме до МВР да ги најдат и да ги санкционираат потпалувачите на пожарите, кои се сомневаме дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми. Депонијата без вакви намерни инциденти нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоки стандарди, се вели во соопштението од ЈП Дрисла.
ЈП Дрисла денеска преку соопштение апелира до МВР да ги најде и да ги санкционира потпалувачите на пожарите во депонијата, за кои, како што се наведува, има сомненија дека се политички мотивирани.
Од Дрисла тврдат дека работат според предвидените процеси и стандарди и оти тие не се причина за загадувањето.
„Апелираме до Министерството за внатрешни работи да пристапат кон истрага за изнаоѓање и санкционирање на потпалувачите на пожарите, кои се сомневаме дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми. Депонијата Дрисла без вакви намерни инциденти нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоки стандарди“, се вели во соопштението од ЈП Дрисла.
Тврдат дека Дрисла е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад туку го стерилизира и го компримира, со што нема никаква можност за загадување.
„Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат согласно техничко-технолошкиот проектиран процес, имајќи ги предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постоечките законски прописи“, наведуваат од ЈП Депонија Дрисла Скопје.
Во соопштението нема детали за тоа како се чува депонијата и како е можно лица од надвор да влезат среде ѓубрето и да го запалат.
Соопштението следува 3 дена по палењето на Дрисла и откако премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е чудно како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи.