АРМАНИ ОСТАВИЛ ДВА ТЕСТАМЕНТИ НАПИШАНИ СО РАКА Еве кој ќе го наследи богатството на дизајнерот?
Според тестаментите на Џорџо Армани, фондацијата презема 100% од модната куќа, партнерот Лео Дел'Орко ја добива палатата во Милано, а неговата сестра и роднините луксузни вили.
Познатиот дизајнер Џорџо Армани, кој почина на почетокот на септември на 91-годишна возраст, оставил зад себе два тестаменти напишани од негова рака и запечатени во плик. Првиот е со датумот 15 март, а вториот – 5 април оваа година. Нивната содржина открива како ќе биде распределено наследството на еден од најголемите модни визионери на 20-тиот и 21-виот век.
Фондацијата Армани ја поседува компанијата
Според тестаментот, Фондацијата Армани станува сопственик на 100% од Giorgio Armani S.p.A. – вклучувајќи 9,9% од целосната сопственост и 90% од акциите во „гола сопственост“, додека правото на уживање врз нив му припаѓа на неговиот долгогодишен партнер и десна рака, Панталео Дел’Орко, како и на неговите тројца роднини и сестрата Розана.
Панталео Дел’Орко ќе добие и 40% од гласачките права во компанијата, Фондацијата ќе има 30%, додека Андреа Камерана и Силвана Армани, роднини на познатиот дизајнер, ќе наследат 15%.
Вили на сестрата и роднините
Армани им оставил на својата сестра Розана и на роднините Андреа Камерана и Силвана Армани мнозински удел (75%) во компанијата L’Immobiliare Srl, која управува со луксузни вили во Сен Тропе, Антигва, Брони и Пантелерија. Тој им го оставил преостанатиот удел (25%) во гола сопственост, додека правото на уживање му припаѓа на неговиот партнер Лео Дел’Орко.
Палатата во Милано на партнерот
Посебен дел од тестаментот се однесува на луксузната палата на Виа Боргонуово во Милано, каде што живеел Армани. Дел’Орко добива право на доживотно уживање во резиденцијата, со изрична желба мебелот и декорациите да останат недопрени, освен Матис и фотографиите на Рејман, „сè додека Лео сака да живее таму“.
Продажба на 15% од компанијата на големи играчи
Фондацијата Армани е должна да продаде 15% од компанијата на еден од најголемите светски модни и козметички конгломерати: LVMH, Essilor Luxottica или L’Oreal во рок од 12 до 18 месеци од отворањето на наследството. Доколку тоа не е можно, уделот може да се продаде на друга луксузна компанија со која Армани веќе има партнерство.
Принципи за иднината на брендот
Во својот тестамент, Армани остава и морален кодекс што Фондацијата мора да го следи: работење со етика и интегритет, негување на „стилски минимализам – модерен, елегантен, ненаметлив“, како и постојана потрага по иновации, квалитет и врвна изработка.
Специјални наследства
Армани не го заборавил својот менаџер Микеле Морчели и неговата ќерка Бјанка, која еднаш ја нарече „скоро како моја ќерка“. Тој му остави обврзници на Морчели во вредност од над 32 милиони евра, додека за Бјанка обезбедил полиса за фонд чиј износ може да го повлече помеѓу 25 и 30 години.
Империја проценета на над 12 милијарди долари
Тестаментот бил објавен на 9 септември во Милано, а вредноста на империјата на Армани се проценува помеѓу 9,5 и 13 милијарди долари. Неговата компанија има годишен обрт од 2,3 милијарди евра, вработува над 10.000 луѓе и има повеќе од 2.700 бутици низ целиот свет.
Покрај модата – од висока мода и прет-а-порте до спортската линија EA7 и Armani Exchange – брендот се проширил и во парфеми, козметика, накит, луксузни хотели и ресторани. Покрај тоа, Армани поседувал огромно богатство во недвижности во Италија и низ целиот свет, уметнички дела, кошаркарскиот клуб Олимпија Милано и историскиот клуб Ла Капанина во Версилија, кој го купи само неколку дена пред смртта.