„ВО СДСМ СЕГА СЕ ПРПЕЛКААТ, НЕ ЗНААТ КОЈ ПРОПЕАЛ“ Мицкоски најави крај на злоупотреба на службите за политички цели

Премиерот Мицкоски во интервју за Дојче Веле зборува за злоупотребите во АНБ и АР, паниката во СДСМ и потребата за ставање крај на „неславната традиција“ на политичка контрола врз службите.

488

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Дојче Веле се осврна на скандалот со прислушкувањето од страна на АНБ и АР, истакнувајќи дека случајот внимателно се следи и дека доказните материјали веќе се предадени на обвинителството.

– Се согласувам дека процентот на доверба во правен исход, особено кога случајот е доведен пред портите на обвинителството, е многу низок. Но, во исто време, ова е случај што ние одблиску ќе го следиме. Институциите работеа во изминатиот период и тие индиции и доказни материјали се предадени во обвинителството. Организирањето следење не било само од АНБ, туку и од АР. И двете биле користени за лични и политички цели. Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал – изјави Мицкоски.






„Време е да се стави крај на масовните злоупотреби“

Премиерот нагласи дека мора да се стави крај на ваквите злоупотреби, кои сериозно ја нарушуваат демократијата.

– Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата – рече Мицкоски.

„Се прпелкаат и не знаат кој пропеал“

Осврнувајќи се на изјавите од СДСМ и поранешни функционери на АНБ, Мицкоски рече дека контрадикторните тврдења покажуваат страв и паника.

– Како тоа сега измислуваат различни изговори, откако се фатени живи? СДСМ едно кажува, Димовски друго, па се заплеткуваат и дават во сопствените тези, така што е јасно како бел ден дека се уплашени. Сакам уште еднаш да им порачам, секој што учествувал во тоа ќе одговара. Ако имало нешто против мене, зарем тие би ми простиле, кога половина ВМРО и виновни и невини ги натрупаа во случаи? Сега, пак, се уплашени, а јас со задоволство гледам како се прпелкаат од страв, паника и полни со неизвесност. Не знаат дали некој пропеал, дали сè се знае или само дел, дали ќе има конечна разрешница – истакна премиерот.

„СДСМ ризикува да стане маргинална партија“

Мицкоски ја оцени како „смешна и трагична“ тезата дека тој бил случајно следен.

– Сè си се покажува точно како што очекувавме. И јас сум задоволен од тоа што досега се случува. И тезата дека сум случајно фатен додека следеле други е смешна и истовремено трагична теза која е невистинита и наивна, па ако е така зошто тогаш само мене ме следеле и очигледен фокус на следењето сум јас? Ако сум ловен преку други, тогаш за нив ќе има документација, а вака само за мене има. СДСМ, за жал, не се менува и огромна е опасноста како тргнале да станат маргинална партија и нивниот простор да го заземе некој друг. Но тоа е нивни проблем. Исто како што е нивни проблем, т.е. на нивните функционери и нивна одговорност тоа што ќе следи во овој процес за следење и злоупотреби на службената положба – заврши Мицкоски.

Поврзани содржини