ПАРТИИТЕ ДА СЕ ДОГОВОРАТ КАКО ЌЕ НАСТАПУВААТ НАДВОР ОД ДРЖАВАТА Нема потреба од нова декларација за црвените линии, категорична е Сиљановска-Давкова

Сиљановска-Давкова денеска од Охрид им порача на сите политички партии да седнат во Парламентот и да се договорат како ќе настапуваат надвор од државата. 

260

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека нема потреба од нова декларација за црвените линии на државата за евроинтеграциите што најголемата македонска опозициска партија СДСМ најави дека ќе ја поднесе.

Сиљановска-Давкова денеска од Охрид им порача на сите политички партии да седнат во Парламентот и да се договорат како ќе настапуваат надвор од државата.






– По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии, е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една, туку неколку декларации имаме донесено во Собранието и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак посегне соседот по вето, ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите – рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите дадена по врачувањето на признанието „Инженерски прстен 2025“.

Според претседателката, најважно е политичките партии и од опозицијата и од власта да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор.

– Ако така се однесуваа по средбата на која сите и се израдувавме во Владата, мислам дека и ЕУ поинаку ќе се однесуваше. Ако лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваа во еден глас дека мислиме вака и вака, дека ова е најдобро решение, сигурно поинаку ќе се однесуваа кон нас. Ама да слушате аргументација – предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Првиот човек на Европската унија Кошта за измените со одложено дејство рече дека се извонреден потег. Зарем мисли некој дека ние ќе предложиме уставни измени со одложено дејство ако за тоа нема уставен основ. Па и првите уставни измени беа со одложено дејство, па и Преспанските беа со одложено дејство – истакна Сиљановска-Давкова.

Зборуваме за највисокиот акт на државата, за Уставот во кој пишува дека предлагач на уставните измени може да бидат 150 илјади граѓани, Владата и претседателот на државата.

– Не читам јас никаде Европската Унија или соседите. Така е со сите устави – нагласи Сиљановска-Давкова.

Во однос на непочитувањето на одлуките од Меѓународниот суд на правдата во Стазбур, претседателката праша зошто е судот, ако неговите пресуди не важат за сите држави.

– Јас мислев дека пресудите на Судот се конечни и извршни и важат за сите држави. Какви се тие пресуди кои не важат, каков е тој суд чии пресуди не важат – праша Сиљановска-Давкова. 

Поврзани содржини