📷 ДЕЛЕГАЦИЈА НА АМЕРИКАНСКИОТ СОВЕТ ACYPL ГО ПОСЕТИ „АЛКАЛОИД“ Младите политички лидери од САД се запознаа со работата во успешните македонски компании
Посебен акцент беше ставен на деловните операции во САД, каде што Алкалоид АД Скопје во 2005 година основаше своја подружница во Њу Олбани, Охајо, велат од Алкалоид за посетата на младите политички лидер од реноминраниот совет ACYPL која беше реализирана во соработка со Амбасадата на САД во Скопје.
Во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, претставници на Американскиот совет на млади политички лидери (ACYPL) остварија работна посета на „Алкалоид“. Целта на посетата, трета од ваков тип, е запознавање на различни тимови млади лидери со условите и со начинот на работа во најуспешните македонски приватни компании.
За време на посетата, гостинската работна група, предводена од алкалоидовиот тим на чело со Генералниот директор и Претседател на УО Живко Мукаетов, имаше можност одблизу да се запознае со постигнатите резултати од работењето, инвестициските проекти кои континуирано ги реализира компанијата низ годините, извозните операции, како и со континуираните проекти за општествена одговорност во корпоративната агенда на „Алкалоид“.
Дневниот ред на работната средба опфати и обиколка на компаниските производствени капацитети во сегментот фармација и на Институтот за истражување и развој.


„Посебен акцент беше ставен на деловните операции во САД, каде што ‘Алкалоид’ АД Скопје во 2005 година основаше своја подружница во Њу Олбани, Охајо. Освен пласманите на чаеви од програмата Good Nature и на детска козметика од брендот Becutan, ‘Алкалоид’ е партнер од избор на неколку реномирани американски фармацевтски компании со кои има различни форми на соработка, како на пример лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција на нивните производи“, соопшти „Алкалоид“.
Членовите на делегацијата, меѓу кои г. Нејтан Алонзо, г-ѓа Тори Мaри Блу, г-ѓа Кeси Чејмберс Армстронг, г. Томи Чој, г. Тимоти Регланд, г. Едвард Штокхаузен и г-ѓа Џесика Страм, го истакнаа своето задоволство од постигнувањата и од глобалната позиционираност на „Алкалоид“, особено во сегментот на деловните активности на компанијата на американскиот пазар.

„Од своето основање во 1966 година, ACYPL, преку бројни програми за размена, им овозможува на своите членови да развијат глобална политичка и бизнис-перспектива и да изградат значајни меѓународни партнерства. Досега, со континуирана поддршка од американскиот Стејт департмент и од бројни партнери, над 9.200 лидери од САД и од уште 137 земји низ светот зеле учество во инспиративните програми за размена на оваа интернационална мрежа“, се вели во соопштението на „Алкалоид“ за настанот.