„НАПРАВИ НЕШТО ДОБРО И ЗАБОРАВИ НА ТОА“ Ахмети и Стаменов ја добија државната награда „Мајка Тереза“

Стаменов, еден од добитниците на државната награда „Мајка Тереза“ раскажа како целата иницијатива на подарување компјутери почнала отккако дошла женичка за да побара половен компјутер.

702

Во Собранието денеска им беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ на годинашните добитници доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендоркинологија и на Борче Стаменов од Иницијативата „Донирај компјутер“.

Наградата им се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.






„Технологијата напредува, но не и човековата свест“

Претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, Бехиџудин Шехапи, нагласи дека државната награда е повеќе од признание бидејќи, како што рече, хуманоста не се натпреварува, туку безусловно учествува во изградбата на похуман и поубав свет.

– Во новата ера одбележана со информации, брзина и трансформација во еден модерен дигитален виртуелен и вештачко интелигентен свет, за жал наспроти технолошкиот подем, регресира човечката свест. Тоа го докажуваат војните во Палестина и Украина и уште многу студени војни кои требаше да се лекција за пропаст, а не повторување кое докажува дека хуманоста, разбирањето и дијалогот се поразени. Во нашата земја изгоре младоста на Кочани, изгоре душата на тој град, која денеска пробуваме да ја лекуваме со почит, сочувство и подадена рака, поддршка за сѐ што е потребно и ќе биде потребно во годините што доаѓаат – рече тој.

Шехапи потенцира дека со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме чекорите на Мајка Тереза на делотворност, благородност и човекољубие кон човештвото и кон Бога.

– Овој јубилеј сакам да го отворам со цитат од Мајка Тереза: „Има повеќе глад во светот за љубов и почитување, отколку за леб“. Овие зборови на Мајка Тереза не сплотуваат во чест на човековата доблест, хуманост и солидарност. Со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме нејзините чекори на делотворност, благородност и човекољубие од една страна кон човештвото и богољубие, вера и духовна височина во себесплотувањето со Бога од другата страна – изјави Шехапи.

„Направи нешто добро и заборави на тоа“

Доц. д-р Ахмети истакна дека за него оваа награда претставува огромна почит и голема обврска да продолжи со неговото хумано делување.

– Како што би рекла Мајка Тереза „не е важно колку правиме, туку како го правиме тоа и колку љубов внесуваме“. Јас лично нема да се задржам во мојот стручен придонес врз општеството зашто медицинската дејност сама по себе е хумана професија. „Направи нешто добро и заборави на тоа“ оти во моето досегашно искуство секогаш тоа што е направено и заборавено во одреден момент се појавува човек што сме му завршиле голема работа, со емоции ти се приближува и ти искажува голема благодарност за тоа што си направил за него, а при тоа јас и Борче не сме свесни за тоа затоа што и Мајка Тереза дава препорака „Направи нешто и не мисли да ти се возврати тоа, туку направи го со душа“. Со Борче имаме различни професии, но нѐ спојува хуманоста која претставува еден мост меѓу луѓето, културите и заедниците. Свесни сме дека во денешницата медицината, информатиката, па во иднина вештачката интелигенција, ќе се спојуваат, но факт е дека ќе треба доста да работиме на тоа како емоциите да ги спојуваме со тоа што е техничко – рече Ахмети.

Иницијативата почнала од женичка која барала половен компјутер

Стаменов, кој е добитник и на државната награда „Мето Јовановски“, нагласи дека овие награди за него претставуваат мотивација плус дека „на некој начин си на вистински пат и тоа што го правиш наидува на позитивен фидбек“.

– Целата иницијатива почна на работа. Дојде една женичка да побара половен компјутер, имаме доста клиенти коишто ги оставаат дотраени, им го однесов дома и кога гледаш дека се радуваат на нечие ѓубре буквално, си викаш дека тоа може да биде добра идеја. На почетокот ми беше интересно, а и има доста социјално загрозени семејства низ Македонија што не можат да добијат уред. Си рековме да стигнеме до 100 и доста е. Се случи Ковид и тогаш се виде колку сме неспремни и како држава и како свет за такво нешто. Се виде колку недостасува опрема во цела држава и тука ние пристапивме. За околу 6 месеци успеавме да донираме 600 компјутери – изјави Стаменов.

Државната награда „Мајка Тереза“ за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери првпат била доделена во 2006 година.

Владина делегација положи цвеќе на спомен плочата на Мајка Тереза

Владина делегација предводена од првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, положи цвеќе на спомен-плочата на Гонџа Бојаџиу- Мајка Тереза, по повод 115-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза.

Според вицепремиерот Меџити, добрината и човечноста на Албанците од Скопје, светот ги препознал преку ликот на Мајка Тереза.

– Мајка Тереза е симбол дека сите разлики меѓу нас се неважни доколку дејствуваме како луѓе. Градиме иднина во Скопје. Повторно ќе биде препознаено во целиот свет како центар на висока култура, развиено образование и научно-технолошки центар со перспектива за младите и хуманизам – истакна Меџити.

Цвеќе на спомен-плочата положија и членови на здружението „Скопјанката Мајка Тереза”.

Која била Мајка Тереза?

Денеска се навршуваат 115 години од раѓањето на Мајка Тереза, чието вистинско име било Агнеса Гонџа Бојаџиу. Таа е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица Поп Кочина број 14, на местото каде што денес се наоѓа плоштад Македонија.

Била најмало дете во семејството, со сестра Ага и брат Лазар, и потекнувала од добро ситуирано семејство во кое владеело правилото дека секогаш треба да се помогне на оној што има потреба. На 12-годишна возраст почувствувала духовен повик, а на 18 години ја напуштила родната куќа. Со мајка си и со сестра си заминала за Загреб, а оттаму по 2 недели отпатувала во Ирска – тоа била и последната средба со нив.

Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за својата огромна хуманитарна дејност меѓу бедните и болните низ светот. Починала во Калкута во 1997 година, а процесот за нејзина беатификација и канонизација започнал само 2 години подоцна.

На 19 октомври 2003 година Папата Јован Павле Втори ја прогласил за Блажена Мајка Тереза. По признавањето на второто чудо во 2015 година, Папата Франциск ја канонизирал на 4 септември 2016 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан, со што официјално станала Света Мајка Тереза.

Поврзани содржини