ГЕРМАНСКАТА АВТОИНДУСТРИЈА НЕЗАПИРЛИВО ГУБИ РАБОТНИ МЕСТА За една година укинати се повеќе од 51.000 работни места
Освен автомобилскиот сектор, губењето на работните места влијаеше и на другите сектори од индустријата, вклучувајќи го машинското инженерство и производството на метали, кои изгубија 17.000 односно 12.000 работни места, додека хемискиот и фармацевтскиот сектор останаа претежно стабилни.
Германскиот индустриски сектор незапирливо намалува работни места, а автомобилската индустрија е најтешко погодена, покажува анализата на консултантската компанија EY.
Автомобилскиот сектор изгуби вкупно 51.500 работни места за период од една година, што е речиси 7% од работната сила во секторот.
Генерално, бројот на вработени во индустријата на 30 јуни се намалил за 2,1% на 5,42 милиони, што претставува пад од приближно 114.000 работни места во текот на 12-те месеци, според податоците на германскиот завод за статистика Destatis.
Од 2019 година, работната сила се намалила за околу 245.000, односно за 4,3%.
Како причини за намалувањето се посочуваат послабите приходи во индустријата, кои паднаа за 2,1% во вториот квартал, што е осмиот последователен квартал на пад како и високите трошоци за енергија, бирократијата, слабата домашна побарувачка и трговските тензии со САД. Сите сектори, со исклучок на електрониката, пријавија послаби приходи.
EY забележа дека американските тарифи и падот на извозот во Кина силно ги погодија германските производители.
Производителите на автомобили се борат со слаба побарувачка, конкуренција од Кина и премин кон електрични возила. Приходите во автомобилскиот сектор се намалија за 1,6%.
Големите компании, вклучувајќи ги Мерцедес-Бенц, Фолксваген (VW), Бош, Континентал и ZF, објавија програми за намалување на трошоците, додека Порше планира во голема мера да ја затвори својата подружница за батерии Cellforce.
Освен автомобилскиот сектор, губењето на работните места влијаеше и на другите сектори од индустријата, вклучувајќи го машинското инженерство и производството на метали, кои изгубија 17.000 односно 12.000 работни места, додека хемискиот и фармацевтскиот сектор останаа претежно стабилни.
EY предупреди дека таков тренд веројатно ќе продолжи, влијаејќи на новите дипломирани студенти и младите инженери кои ќе се соочат со помалку можности.
Консалтинг фирмата забележа дека автомобилскиот и машинскиот сектор во Германија вработуваат значително помалку млади луѓе отколку во претходните години.
-Ќе бидеме сведоци на зголемување на невработеноста кај дипломираните студенти – нешто што не се случило во Германија долго време – изјави Јан Брорхилкер, управувачки партнер во EY.