ТРАМП НАЈАВИ ОДЛИЧНИ ОДНОСИ СО КИНА Планира да го посети Си Џинпинг

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД имаат многу посилни адути од Кина, кои би можеле да ја уништат, но нагласи дека нема намера да ги искористи.

875

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделникот изјави дека САД и Кина – двете најголеми економии во светот – „ќе имаат одлични односи“, иако предупреди дека, доколку посака, може да ја уништи Кина со играње на „неверојатните карти што му стојат на располагање“, објави Фокс њуз.

– Имаме многу поголеми и подобри карти од нив. Тие имаат некои карти. Ние имаме неверојатни карти. Но, не сакам да ги играм тие карти. Ако ги играм, тоа би ја уништило Кина. Не планирам да ги играм тие карти – им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, пред билатералната средба со јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мијунг.






Не беше веднаш јасно дали Трамповите „карти“ се однесуваат на економска моќ, политичко влијание или на нешто друго.

Трамп размислува да го посети Си Џинпинг

Трамп изјави и дека неодамна разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг и додаде дека размислува за посета на својот колега, додека двете земји продолжуваат да преговараат околу трговските услови.

– Во еден момент, веројатно во текот на оваа година или набргу потоа, ќе одиме во Кина – рече Трамп.

Претседателот минатиот месец изјави дека Си ја пратил поканата.

Вашингтон и Пекинг на 12 август се согласија да го продолжат своето трговско примирје за уште 90 дена, давајќи им повеќе време на преговарачите да постигнат договор.

Трамп неколкупати годинава ги зголеми царините за сите кинески производи, при што највисоката давачка достигна 145% во април.

Моментално, американската царина за повеќето кинески увози изнесува 30%. Кина, пак, воведе царина од 10% за американските увози.

„Кина не треба да биде светска фабрика“

Во јули, секретарот за финансии на САД, Скот Бесент, ја посочи кинеската поддршка за санкционирана нафта како централна точка на несогласување за време на последната рунда трговски разговори што се одржаа во Шведска. Бесент претходно ги водеше трговските преговори со Кинезите во Женева во мај, а еден месец подоцна и во Лондон.

Покрај увозот на руска и иранска нафта, Бесент рече и дека САД сакаат да го намалат статусот на Кина како светска фабрика.

Тој претходно повика Кина да го ограничи својот масовен извозен модел и да ја зголеми својата улога како глобален увозен трговски партнер.

Поврзани содржини