ТРАМП НАЈАВИ КРАЈ НА ВОЈНАТА ВО ГАЗА ЗА 2–3 НЕДЕЛИ Рече дека воопшто не е среќен за смртта на новинарите

500

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека војната на Израел во Газа треба да заврши во следните неколку недели, објави Ал Џазира.

Во меѓувреме, меѓународниот револт расте поради ужасните злосторства: секојдневните масакри врз цивили, убиствата на новинари и на медицинари, како и гладот, предизвикан од Израел во опколената и бомбардирана палестинска енклава.






– Мислам дека во наредните 2-3 недели ќе има доста добар, конечен крај – им рече Трамп на новинарите во понеделникот.

Американскиот претседател претходно ветуваше крај на војната со својот препознатлив бомбастичен стил, но неговите изјави не се реализираа во прекин на огнот или барем во слободен проток на хуманитарна помош за палестинското население кое страда под суровата израелска блокада.

Администрацијата на Трамп му обезбеди на Израел милијарди долари во оружје и ги одби меѓународните напори за признавање на палестинска држава.

– Мора да заврши зашто помеѓу гладот и сите други проблеми – полошо од глад, смрт, од чиста смрт е тоа што луѓето се убиваат – рече Трамп.

Во февруари, Трамп предложи отстранување на сите Палестинци од Газа – план што би значел етничко чистење, злосторство против човештвото.

Порано во понеделникот, американскиот претседател изгледаше како да не е запознаен со израелскиот напад во кој беа убиени 21 Палестинец, меѓу кои и 5 новинари, во болницата „Насер“ во Газа.

Притиснат за коментар за овој инцидент, тој изјави:

– Па, не сум среќен за тоа. Не сакам да го видам тоа. Во исто време, мора да заврши целиот тој кошмар.

Потоа Трамп премина да зборува за неговите напори за ослободување на преостанатите израелски заробеници во Газа.

Поврзани содржини