УСТАВНИОТ СУД ЌЕ ГО ВРАЌА БЕСПЛАТНИОТ ПРЕВОЗ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ОД ПРИВАТНИТЕ УЧИЛИШТА Собранието повторно донесе неуставна одредба, која еднаш беше укината

Судот во 2023 година донесе одлука дека сите средношколци имаат право на бесплатен јавен превоз, без разлика дали учат во државните или во приватните училишта, но Собранието со измените на Законот за средно образование од април 2025 година повторно предвиде дека превозот и сместувањето за учениците од приватните училишта ги плаќа основачот.

344

Уставниот суд повторно оформи предмет за бесплатниот превоз на средношколците од приватните средни училишта, на иницијатива на претседателот на Судот, Дарко Костадиновски.

Судот во 2023 година донесе одлука дека сите средношколци имаат право на бесплатен јавен превоз под определени услови, без разлика дали учат во државните или во приватните училишта, но Собранието со измените на Законот за средно образование од април 2025 година повторно предвиде дека превозот и сместувањето за учениците од приватните училишта ги плаќа основачот.






„Уставниот суд на 5 декември 2023 година го укина член 41-а став 1 во делот „јавно и став 3 во делот „јавното од Законот за средното образование. Судот ја укина оспорената одреба бидејќи допушташе нееднаков третман на лицата кои имаат ист, идентичен правен статус, односно статус на редовни ученици во средното образование, што е основ да им се обезбедат еднакви услови во образованието. Со членот 24 е изменет членот 41-а од Законот за средното образование, при што во став 9 е предвидено дека сместувањето и превозот за учениците од приватните средни училишта ги обезбедува основачот. Со оглед на содржината на одредбата, произлегува дека Собранието не ја испочитувало Одлуката на Уставниот суд (У.бр.81/2023)“, соопшти Уставниот суд.

Дополнително, се додава, со самиот факт што некој станува редовен ученик во средно училиште се стекнува со право на бесплатен превоз, бидејќи истото е предвидено со член 41-а став 1 од Законот за средното образование.

„Со фактот дека Законодавецот ги исклучил учениците од приватните средни училишта од користење на јавниот превоз се претпоставува дека постапил спротивно на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот“, соопшти Уставниот суд.

Во укинувачката одлука од 2023 година Уставниот суд наведува дека Законодавецот различно постапил за редовните ученици во средното образование, кои се во еднаква правна положба, во однос на правото за користење на бесплатен превоз, кој им е достапен само на учениците од јавните училишта кои немаат сместување во ученички дом или пак местото на живеење им е оддалечено најмалку 2,5 километри од школото. Според Уставот, не постои можност за различен третман на учениците од средното образование.

Со оглед на укинувачката одлука од 2023 година, се очекува уставните судии да го укинат и неуставниот член од најновите законски измени и да им овозможи јавен превоз на учениците од приватните средни училишта што ќе го плаќаат локалните самоуправи, исто како и за средношколците од јавните училишта.

Поврзани содржини