КОЈА Е ВЕРЕНИЦАТА НА КРИСТИЈАНО РОНАЛДО? Татко ѝ бил дилер на дрога, таа била чистачка, а сега живее во луксуз
Кристијано Роналдо ја запроси Џорџина Родригез со прстен вреден до 10 милиони долари. Откријте ја нивната љубовна приказна, луксузниот живот и детали од нејзиното детство.
Кристијано Роналдо конечно го направи чекорот што милиони фанови го чекаа со години – ја запроси својата долгогодишна партнерка Џорџина Родригез. Славниот фудбалер избра веренички прстен кој остава без здив, а според проценките на експертите за накит, неговата вредност е помеѓу 5 и 10 милиони долари.
Станува збор за луксузен овален дијамант со странични камења, чија вкупна тежина е околу 37 карати. Фотографија од Џорџина со прстенот, објавена на 11 август, го обиколи светот за рекордно време, а социјалните мрежи беа преплавени со пофалби и коментари дека ова е еден од најимпресивните веренички прстени во историјата на спортот.
Златарите го нарекуваат „вистински пример за бескомпромисна љубов“, додека модните критичари беа воодушевени од блескавоста со која Роналдо го изговори познатото прашање: „Дали сакаш да се омажиш за мене?“
Која е Џорџина Родригез?
Џорџина Родригез е родена во 1994 година во Буенос Аирес и пораснала во мал град во североисточна Шпанија. Таа е во врска со Кристијано од 2017 година, а се запознале една година претходно додека работела како асистент во продавница на луксузниот бренд Гучи.
„Како девојче, бев грдо пајче, а се претворив во лебед. Комплексите се бескорисни. Се сакам себеси со сите мои несовршености – никој не е совршен, но сите сме единствени“, рекла таа во една пригода.
По завршувањето на средното училиште, се преселила во Мадрид за да се фокусира на танцување. Подоцна, се преселила со своите родители во Бристол, каде што студирала англиски јазик.
– Бев и чистачка, ништо не ми беше проблем – признала таа.
Семејството и мрачното детство
Нејзиниот татко, Хорхе Родригез, бил Аргентинец и отслужил неколку затворски казни за трговија со дрога. Починал во 2019 година од мозочен удар. Нејзината мајка, Ана Марија Хернандез, наводно, денес живее во Италија.
Како се вљубиле Роналдо и Џорџина?
Нивната љубовна приказна започнала во Гучи, кога Џорџина, како што вели самата, „целата затреперила“ штом ја видела фудбалската ѕвезда. Неколку дена подоцна, се запознале на модната ревија на Долче и Габана, каде што го имале својот прв лежерен разговор. Љубовта процветала, а нивниот прв состанок се одржал во ноември 2016 година во Дизниленд.
Поради огромниот интерес на папараците, Џорџина морала да ја напушти работата во Гучи, а тие првпат се појавиле јавно заедно на црвениот тепих во јануари 2017 година на доделувањето на наградите на ФИФА во Цирих.
Заеднички живот и семејство
Џорџина изградила одличен однос со семејството на Роналдо, особено со неговата мајка, Марија Долорес дос Сантос Авеиро. Набрзо се преселила во неговата вила во Мадрид.
Во средината на 2017 година беше објавено дека е бремена, а истата година добија ќерка, Алана Мартина – првото заедничко дете на двојката. Во 2022 година, тие доживеаја трагедија кога Џорџина го загуби синот близнак за време на породувањето, додека ќерката Бела преживеа.
Живот во луксуз и договор за безбедност
Денес, Џорџина живее луксузен живот – патува со приватен авион, одмора на јахти, купува во најскапите бутици. Таа е со своето семејство во Саудиска Арабија, каде што Роналдо игра за Ал Наср. Според британските медиуми, таа има и договор што ја штити во случај на раскинување – Роналдо би ѝ плаќал 100.000 евра месечно до крајот на нејзиниот живот.
– Многу луѓе не ме сакаат ниту мене ниту мојот Кристијано. Тоа ме мачеше некое време, а потоа сфатив дека ќе ме критикуваат без разлика што правам. Затоа го живеам животот на свој начин, и единственото нешто што ми е важно е среќата на луѓето што ги сакам – рекла Џорџина.