ЗЕТОТ ТРГНАЛ ДА ГО КОЛЕ СЕМЕЈСТВОТО НА СОПРУГАТА Грабнал нож и почнал да боде
Маж од Таринци со остар предмет го нападнал целото семејство на сопругата, две лица се тешко повредени.
37-годишниот С.К. од село Таринци со нож повредил четири лица, меѓу кои сопругата, братот и нејзините родители. Тие биле физички нападнати синоќа во дворот на семејна куќа во Штип, при инцидент што кулминирал со употреба на остар и на тврд предмет.
Според информациите од СВР Штип, полицијата во 22:40 часот го лишила од слобода 37-годишниот С.К. од село Таринци, општина Карбинци, откако постапила по пријава за семејно насилство.
С.К. во дворот на родителите на својата сопруга физички ја нападнал неа, нејзиниот брат, мајка и татко. Притоа, употребил остар и тврд предмет, нанесувајќи им видливи повреди.
Повредените биле веднаш пренесени во Клиничка болница – Штип, каде што, според лекарските извештаи, на мајката и братот на сопругата им се констатирани тешки телесни повреди.
Напаѓачот бил приведен и задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 131 од Кривичниот законик – за нанесување тешка телесна повреда.
Полицијата продолжува со истрагата и собирање на сите докази поврзани со случајот.