ШУМИ, СЕЛА, ДЕПОНИИ ВО ПЛАМЕН Пожарите не стивнуваат, опасност за животни и имот
Пожарите беснеат на 29 локации низ државата, неколку под контрола, но многу и понатаму горат во тешко достапни предели. Граѓаните и службите на терен се борат со високите температури и силниот ветер.
Според најновите податоци на Центарот за управување со кризи (ЦУК), до утрово (26 јули 2025, 07:00 часот), се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор. Од нив, 10 се сѐ уште активни, 3 се ставени под контрола, додека 16 се веќе изгаснати. Високите температури, сувата вегетација и тешко пристапните терени ја отежнуваат интервенцијата.
Најголемата закана доаѓа од поширокиот регион меѓу Василево, Радовиш и Берово, каде пламените јазици ја зафатија планината Голем Готен и делови од Малешевските Планини. Огнот таму се шири низ нискостеблеста шума, смрека и густа грмушка, а пожарникарите тешко пристапуваат до фронтот.
Во Прилепскиот крај, ситуацијата е алармантна. Во село Бешиште, пожарот зафаќа Бешишки Рид и се шири кон Градешница и кон граничната линија со Грција. Друг активен фронт во Прилеп се спушта кон село Дрен, додека пожарот меѓу Царевиќ и Смолани е ставен под контрола.
Македонски Брод се соочува со два активни пожара – едниот кај село Црешнево, каде што гори ниска вегетација, а другиот меѓу селата Локвица и Крапа, каде што се гори деградирана дабова шума и суви грмушки. Во регионот на Штип, огнот помеѓу селата Драгоево и Селце горат нискостеблеста шума и сува трева.
Пожар избувна и во Зелениково, во село Гумалево, каде што гори мешана вегетација. Во Желино, пламените јазици беснеат меѓу Церово и Групчин, зафаќајќи деградирана шума. Во Струмичкиот регион, пожарот го зафати предeлот „Три Води“.
Од позитивната страна, три пожари се ставени под контрола. Во село Грешница кај Македонски Брод, се гаси мешана шума и сува трева. Во Шуто Оризари, на улицата Брсјачка Буна е локализиран пожарот на дива депонија, додека во Карбинци е стабилизирана ситуацијата со шумскиот пожар кај село Јунузлија.
ЦУК информира и за 16 изгаснати пожари – меѓу нив има и пожари кај депонии, ниска вегетација, трска, стрништа и сува трева. Гореше во Кочани, Куманово, Прилеп, Ресен, Велес, Гостивар, па дури и во Старо Нагоричане каде пламенот зафати куќа. На автопатот Гостивар–Тетово исто така бил изгаснат пожар со висок ризик.
Од ЦУК ги повикуваат граѓаните на зголемена претпазливост. Фрлањето отпушоци, неконтролираното палење стрништа и несовесното однесување можат да предизвикаат катастрофи од невидени размери.