🎥 ИНТЕНЗИВНИ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ НА ПОТЕГОТ ОД КЛИМЕШТАНИ ДО ОХРИД Ангажирани се над 1.100 работници, 400 камиони и повеќе од 100 булдожери
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека градежните работи се активни по целата траса од Климештани до Охрид, на која минатата недела беа пуштени првите 20 километри. Во своето видео-обраќање тој ја нагласи посветеноста на Владата на спроведување суштински и долгорочни инфраструктурни проекти.
Премиерот Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук, преку видео објава информираше за засилените градежни активности на потегот од Климештани до Охрид, дел од новиот автопатски коридор. Тој тврди на терен се ангажирани помеѓу 1.100 и 1.200 работници, придружени од над 400 камиони и повеќе од 100 градежни машини, меѓу кои и булдожери и специјализирана механизација за потпорни конструкции.
Премиерот посочи дека работата се одвива на целата траса, каде што минатата недела беа пуштени првите 20 километри. Премиерот ја искористи објавата за да ја истакне посветеноста на Владата кон, како што рече, темелни и долгорочни промени во инфраструктурата.
Информацијата ја сподели и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој, исто така, го објави видеото на социјалните мрежи.
Според најавите, делницата од Климештани до Охрид се очекува да биде отворена за сообраќај до крајот на летото.