ПРОДОЛЖЕН Е РОКОТ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ПОЖАРНИКАРИ До 23 јули има можност за аплицирање
Владата ги повикува граѓаните да ја искористат можноста и да аплицираат. Повикот е отворен за сите квалификувани лица, а сите детали за аплицирањето се достапни на веб-страните на општините.
Се продолжува рокот за пријавување на јавниот повик за ангажирање на 400 пожарникари низ државата до 23 јули, среда, соопшти Владата.
„Одлуката за продолжување на рокот е донесена со цел да им се даде можност на што поголем број заинтересирани граѓани да аплицираат, особено имајќи предвид дека станува збор за значајна мерка која директно го засилува капацитетот на системот за заштита и спасување, особено во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од пожари“, соопшти Владата.
Оваа мерка, која произлегува од Планот за вработување 2025, претставува системско и суштинско вложување во јавната безбедност и грижа за граѓаните. Ангажирањето на 400 пожарникари е прв ваков крупен чекор по повеќе од една деценија и директно одговара на долгогодишниот недостиг на кадар во противпожарните единици.
Владата ги повикува граѓаните да ја искористат можноста и да аплицираат. Повикот е отворен за сите квалификувани лица, а сите детали за аплицирањето се достапни на веб-страните на општините.