РУСИЈА ЌЕ УДРИ ПРВА АКО ТРЕБА Западот веќе ја почна војната против Кремљ, смета Медведев

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев тврди дека Русија е спремна за целосен одговор на „војната што Западот веќе ја води против неа“. Според него, ова не е веќе прокси-конфликт, туку обид за уништување на Русија. Воедно, тој ги нарекува „апсолутна бесмислица“ тврдењата дека Москва планира напад врз Европа или НАТО.

2,126

Поранешниот руски претседател, Дмитриј Медведев, изјави во четвртокот дека Западот практично води целосна војна против Русија и дека Москва треба целосно да одговори, а ако е потребно, да изведе и превентивни напади, објави државната новинска агенција ТАСС, пренесе Ројтерс.

Медведев, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, се претставуваше како либерален модернизатор кога беше претседател од 2008 до 2012 година, но оттогаш се етаблира како антизападен „јастреб“ во Кремљ. Дипломати велат дека неговите изјави се показател за размислувањата кај одредени кругови од политичката елита.






– Она што денес се случува е посредничка војна, но во суштина тоа е целосна војна (со лансирања на западни ракети, со сателитска разузнавачка поддршка, итн.), пакети санкции и со гласни изјави за милитаризација на Европа. Тоа е уште еден обид да се уништи историската аномалија која Западот ја мрази – Русија, нашата земја – го цитира ТАСС Медведев, кој го обвини Западот дека со векови се обидувал да ја поткопа Москва.

Треба да дејствуваме соодветно, вели тој, да одговориме целосно.

– И ако треба, да изведеме превентивни удари – изјавил Медведев, додавајќи дека „многумина на Запад го имаат предавството во крвта, како и застарено гледање на сопствената супериорност.

Воено-политичката алијанса НАТО, предводена од САД, ја смета Русија за голема закана, а политичарите низ Западна Европа велат дека Русија, која во 2022 година испрати десетици илјади војници во Украина, еден ден би можела да нападне и некоја членка на НАТО.

Медведев ги отфрли ваквите тврдења како „апсолутна бесмислица“, нагласувајќи дека и претседателот Владимир Путин повеќепати ги негирал тие наводи.

– Изјавите на западните политичари по ова прашање се потполна глупост. Би додал дека оваа глупост намерно се пласира во информативниот простор со цел да се дестабилизира веќе тешката ситуација. Тоа е уште еден фронт во отворената војна на Западот против нас – рекол тој.

Русија и САД се најголемите нуклеарни сили во светот, со околу 87% од целокупниот нуклеарен арсенал, а потоа следуваат Кина, Франција, Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, според податоци од Федерацијата на американски научници.

📽 РУСИЈА УДРИ ВРЗ ДНИПРО, МРТВИ И ПОЖАРИ НИЗ ЦЕЛ ГРАД Украина возврати со дронови длабоко во Русија – Москва под напад

Поврзани содржини