ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ ЗА МЛАДИТЕ СО 98% Крај на кратењата, време е да се вратат во Македонија, вели Бојковска

Со ребалансот на Буџетот за 2025 година, младите конечно добиваат значително внимание. Ќе има нови студентски домови, 120 автобуси, ваучери за студенти и враќање на проектот „Купи куќа за млади“.

223

За првпат по седум години, младите нема да бидат жртва на кратења во државниот Буџет – напротив, Владата најави рекордни инвестиции во младинските политики.

Ова го истакна пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, во својата изјава за медиумите, најавувајќи крупни проекти и зголемени средства за младиот човек во сите негови улоги – како ученик, студент, спортист, родител, претприемач или уметник.






– Со Ребалансот за 2025 година за првпат после 7 години не се крати од младите! Ставаме крај на праксата од минатата власт кога ребаланс значеше кратење на парите за младите. Покажуваме дека младите се во постојан фокус на државата – истакна Бојковска.

Таа откри дека буџетот за Секторот млади во Министерството за труд и социјална политика е зголемен за неверојатни 98,3%.

Се враќа и проектот „Купи куќа за млади“, со поедноставен пристап до сопствен дом за младите брачни парови.

– За секој студент ќе има ваучери од 250 евра за електронски уред. Ќе се градат нови згради за ФИНКИ и ФФК, како и комплексот на Мајка Тереза. За тоа се обезбедени 2 милијарди денари – додаде пратеничката.

Студентските домови во Скопје и Штип, но и ученичките домови низ државата ќе се реконструираат, со:

– 17% повеќе средства за обнова на ученички домови

– 32,5% повеќе за енергетска ефикасност во студентски сместувања

Дополнително, 505 милиони денари се вложуваат во УКИМ, со јасна цел – враќање на универзитетот на Шангајската листа.

– Инфраструктурата во образованието добива зголемување од 127,6%, со буџет од над 644 милиони денари, тоа значи нови или целосно обновени училишта низ Македонија – вели Бојковска.

За здрав и активен млад живот, најавени се 383 милиони денари за спортски сали, игралишта и терени, а ставката „спортски програми“ е зголемена за 19%.

За најмладите, обезбедени се 42,4% повеќе средства за изградба и опремување на градинки.

Особено значајно: 120 нови автобуси ќе бидат набавени за јавното сообраќајно претпријатие – дел од потребата на младите за сигурен превоз.

– Овој ребаланс на Буџетот за 2025 година е најсилниот доказ дека младинските политики се меѓу главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Време е младите да имаат сигурна и предвидлива иднина во Македонија, а државата да биде нивен партнер – потенцираше Бојковска.

Поврзани содржини