НЕ САКА НЕКОЈ СО „ПОСЛЕДНИОТ ВОЗ“ ДА СЕ ПИКНЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ Претседателката нема да предложи кандидат за Советот, ќе го чека новиот закон

Подобро да го почекате донесувањето на новиот закон, бидејќи по него сите други ќе се регрутираат, одошто на некој начин да го легитимирате и законот што жестоко сте го критикувале, како и работата на Судскиот совет, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

288

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова сè уште не предложила наследник за членот на Судскиот совет Миљазим Мустафа, чиј мандат истекува утре, бидејќи одлучила да го почека донесувањето на новиот закон за Судски совет во Собранието.

– Не, не го сторив тоа. Јас ја критикував работата на овој Судски совет. Една од причините за Судскиот совет и за судството е и лошиот закон за Судски совет, во којшто критериумите за избор се несоодветни и овозможуваат политизација и партизација во Судскиот совет. Говорам не само за двајцата членови, кои според Уставот јас ги предлагам, туку и за оние од Собранието, како и оние коишто се избираат од самите судии – рече Сиљановска Давкова.






Потсети дека по Оценската мисија на ЕУ било заклучено дека една од најважните реформи во судството треба да биде прво разговор со експерти по уставно и по казнено право.

– Сугерирано ми е, и мислам дека е тоа во ред, да го почекам донесувањето на законот. Министерот тврди дека тоа ќе оди брзо, решенијата од новиот закон се многу построги, попрецизни, појасни… Работата на Советот минус еден член нема да го оневозможи одлучувањето, бидејќи знаете дека одлуките се носат со 8 гласа „за“ од петнаесетте. Кога мерам, јас не би сакала да влезе некој во последниот воз или налет по стариот закон каде што не е јасно што е тоа „истакнат правник“. Да не говорам и за самата постапка, таа не е конкурентна, не е компетитивна, со еден кандидат е. Има решенија кои што мислам дека е добро секој нов член на Судскиот совет да ги исполни, за да влезе во Судскиот совет – потенцира Сиљановска Давкова.

Таа оцени дека има бројни измени во законот, коишто според неа се квалитетни.

– На пример, во сегашниот закон за професори по право или за луѓе од професорската струка, покрај магистратура, докторат се бара и правосуден испит, едно многу чудно решение, кое оневозможува навистина да се одлучите за луѓе кои со своето знаење дигнитет и интегритет би можеле да влијаат. Посебно важно е што во новиот закон и во самата постапка има големи измени – рече претседателката.

Таа денеска ќе го испрати писмото до претседателот на Собранието, со образложение дека ќе го почека новиот закон.

– Денеска ќе го испратам писмото до претседателот на Собранието, бидејќи Собранието го врши изборот, со причините заради кои мислам дека кога мерите, е подобро да го почекате донесувањето на новиот закон, бидејќи по него сите други ќе се регрутираат, односно избираат, одошто на некој начин да го легитимирате и законот што жестоко сте го критикувале, ама и работата на Судскиот совет која не би сакала уште еднаш да ја оценам – рече претседателката.

Членот на Судскиот совет Милјазим Мустафа беше избран во Собранието 9 јули 2019 година на предлог на поранешниот претседател Стево Пендаровски.

Поврзани содржини