СКОПЈАНИ ВО ЕДЕН ДЕН ПОТРОШИЛЕ ВОДА КОЛКУ ЗА 140 ОЛИМПИСКИ БАЗЕНИ Водовод со сериозен апел, системот на раб на колапс

ЈП Водовод и канализација – Скопје алармира за енормна дневна потрошувачка на вода и повикува на итна рационализација.

2,181

Скопје се соочува со сериозна опасност од дестабилизација на водоснабдувањето, граѓаните за само еден ден потрошиле повеќе од 350 милиони литри вода, што е еквивалент на 140 олимписки базени. Просечно, секој скопјанец користел над 664 литри вода дневно, што е далеку над нормалата за едно домаќинство.

Од Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје предупредуваат дека оваа енормна потрошувачка особено е изразена во попладневните часови и резултира со прекини во водоснабдувањето, особено на високите зони во градот.






„И покрај секојдневните апели и преземање мерки, се соочуваме со сериозни преоптоварувања на системот. Водата неконтролирано се троши за полевање бавчи, миење автомобили и полнење базени“, посочуваат од Водовод.

Претпријатието упатува итен апел до граѓаните за рационална и совесна употреба на водата, особено во услови на летни горештини и зголемени потреби.

Граѓаните кои забележат див приклучок може да го пријават на: 02 3073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk.

„Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во градот“, предупредуваат од ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Според податоците од Пописот 2021, Скопје брои 526.502 жители. На база на потрошените 350 милиони литри, секој жител на главниот град дневно користел просечно 664 литри вода, количина која е неколкукратно повисока од европските стандарди.

Поврзани содржини