„ВАТРОСТАЛНА“ ОДБЕЛЕЖА 50 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ Компанијата прослави златен јубилеј, половина век иновации, развој и регионален успех
Од скромен почеток до европски индустриски гигант, компанијата го одбележа јубилејот во кругот на соработници и вработени, со порака за уште поголеми успеси.
Во свечена и инспиративна атмосфера, пред бројни соработници, клиенти и пријатели, компанијата „Ватростална ДОО“ Скопје синоќа го прослави значајниот јубилеј – 50 години од своето основање, успех и влијание на индустрискиот пазар во Македонија и пошироко.
Основана во 1975 година, почнувајќи со активности во Македонија и Косово, низ децениите прерасна во регионален лидер во својата дејност. Благодарение на визионерскиот пристап, стратешки партнерства и неуморно вложување во човечки и технолошки ресурси, компанијата денес е присутна на пазарите во Хрватска, Србија, Грција, Словенија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Босна и Херцеговина и други европски земји.
Со фокус на интегрирани технички решенија и врвна стручност, „Ватростална“ нуди комплетни технички решенија, вклучувајќи инженеринг, консалтинг, монтажа и сервисни услуги, претставувајќи сигурен партнер за индустриите со највисоки стандарди. Денес, компанијата е ексклузивен застапник на реномирани европски брендови и соработник на бројни индустриски гиганти.
– Горди сме на сè што постигнавме во овие 50 години, но пред сè на луѓето што го направија тоа возможно. Продолжуваме со иста страст и посветеност, подготвени за нови предизвици и уште поголеми достигнувања – изјави Генералниот директор г. Михајло Михајловски во своето обраќање.
Особено внимание беше посветено на тимот – двигателот на секој успех на компанијата. Во рамките на прославата, беа доделени признанија за 10, 15 и 25 години лојалност и посветеност, како симбол на искрена благодарност кон долгогодишните вработени кои ја носат компанијата напред.
Со повеќе од 100 вработени, искусни инженери, техничари, економисти и квалификувани индустриски ѕидари, „Ватростална“ продолжува да биде синоним за квалитет, сигурност и професионализам, вредности кои се темел на секоја нејзина одлука и секој проект што го реализира.