ЗА ЕДНА ГОДИНА ВМРО-ДПМНЕ ОБЕЗБЕДИ ЕКОНОМСКИ РАСТ ОД 3% За 7 години владеење на СДСМ просекот на раст изнесуваше 1,6%, вели Димитриеска Кочоска

Министерката за финансии рече дека двоцифрениот раст на бруто инвестициите е резултат на тоа што приватниот сектор ѝ верува на Владата и затоа инвестира.

39

За време на 7-годишно владеење на СДСМ просечниот раст на БДП беше 1,6%, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ за една година успеа растот на БДП да го донесе на повеќе од 3%, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува”.

Таа рече дека и самата била изненадена од постигнатите бројки.






– И морам да признаам дека мое огромно позитивно изненадување ова се бројки кои и јас не ги очекував. Ако се вратиме наназад кога го подготвувавме ребалансот на буџетот, нашите проекции беа дека стапката на раст за 2024 година ќе биде 2,1%, а завршивме со 2,8%. Имаше причина зошто е тоа така. За првиот квартал за 2024 година растот беше 1.9% и тоа е еден период пред распишување на избори, кој беше комплетно одговорност на претходната влада и кој самиот по себе покажуваше дека навистина ништо не работат. Вториот квартал им беше нешто подобар. Третиот квартал, со преземањето на власта, веќе БДП забележуваше повисоки стапки на раст, за да првиот квартал од 2025 го завршиме со 3% односно 3,2% доколку го исклучиме сезонскиот карактер. Клучен е моментот зошто го напоменувам сезонскиот карактер, затоа што кога ќе го исклучите сезонскиот карактер односно она кое во ад хок во дадени моменти заради сезоната влијае, ние имаме дури и повисок раст односно 3,2%, што укажува веќе три квартали по ред стабилна состојба – рече таа.

Димитриеска Кочоска рече дека двоцифрениот раст на бруто инвестициите е резултат на тоа што приватниот сектор ѝ верува на Владата и затоа инвестира.

– Очигледно е дека довербата на приватниот сектор кон Влада е огромен, како резултат на тоа се инвестира. За мене нешто кое што многу ме радува е растот на бруто домашните инвестициите којшто е веќе двоцифрен. Тоа е резултат меѓу другото и на позитивната економска клима која владее меѓу приватниот сектор. Дополнително на тоа имаме и поддршка којашто ја дадовме во форма на кредити со ниски каматни стапки, а во исто време оние 250 милиони евра проекти годинава и минатата година околу 75 милиони евра. И сето тоа направи на некој начин да има поголем оптимизам во приватниот сектор – рече Димитриеска Кочоска.

Таа рече и дека економските индикатори покажуваат дека економијата се стабилизира.

– Исто така ме радува и тоа што и градежниците гледаат голем оптимизам во градежниот сектор, имаме раст од 7.1%. Исто така за мене е многу значајно, пред некој беше објавено од страна на Државниот завод за статистика, тоа е втор месец по ред позитивен раст на индустриското производство, нешто кое со месеци наназад беше во негатива или позитивна нула. Сега имаме јас би рекла и висока стапка на индустриското производство. Исто така и извозот, после 7 квартали во континуитет негатива се забележува позитива- рече Димитриеска Кочоска.

Според неа, овие индикатори укажуваат дека има позитивно расположение во економијата и тоа доведува до стапка на раст на БДП повисока од  3%.

– Очекувам веќе во вториот квартал да биде стапката на раст и повисока. Значи сигурно некако ја зацврстуваме онаа проекција од 3,7% раст на БДП за оваа година во однос на претходната – рече Димитриеска Кочоска.

Поврзани содржини