КОСТАДИН КОСТАДИНОВ НЕМА ДА БИДЕ КАНДИДАТ НА СДСМ ЗА СТРУМИЦА Разочаран, тој се откажа од партијата на Филипче

Актуелниот градоначалник на Струмица, кој се „прослави“ со своите закани кон Драган Павловиќ Латас, не доби место на листата на Венко Филипче за локалните избори.

4,777

Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов нема да се трка за резибор на претстојните локални избори закажани за окотмври и го замрзнува членството во партијата.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче предмалку објави нови имиња за кандидати за градоначалници за претстојните локални избори, но меѓу имињата го нема Костадинов. Наместо тоа, кандидат за Струмица ќе биде Марјан Даскаловски, претседател на општинската организација на партија.






Костадинов, се огласи на Фејсбук потврдувајќи дека нема да се кандидира за претстојните избори и дека му е замрзнато членството во паријата. Тој вели и дека конечната одлука дали ќе остане член или ќе делиувуа надвор од СДСМ ќе ја обзнани по завршувањето на изборите.

Градоначалникот на Струмица вели дека решил да се повлече од трката бидејќи нема предизвик за него во моментот и дека не е научен да губи на избори. Тој вели и дека нема дебата и суштинска понуда за градот, но и дека нема конкуренција.

Во продолжение следи објавата на Костадинов:

„Драги струмичани и струмичанки, мои пријатели, соседи, роднини,соработници, мои сограѓани со кои ги делам деновите, улиците, битките и соништата…Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега.

Ова не е крај. Ова е моментот кога човекот мора да зборува чесно, и од срце. Во изминатите 11 години, од 2013 наваму, не изгубив ниту едни избори. Не затоа што бев најгласниот. Не затоа што бев најсилно партиски поддржан. Туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене: работа, доследност и љубов кон градот. Јас не сум случаен градоначалник. Јас сум дете на оваа земја, на оваа улица, на овој пазар. Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги градев како да ги правам за моето семејство. Затоа не победував јас – победуваше Струмица.
Но, денес стојам пред вас и ви кажувам нешто што ретко кој политичар ќе го признае: Во сегашната политичка слика, мојата кандидатура – од било која партија – е бесмислена. Не затоа што се плашам од пораз. Јас не знам што значи да изгубиш избори. Туку затоа што нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик. А човек што нема предизвик – ќе победи, но ќе тапка во место. А тоа е пораз што не го прифаќам. Паметно е да направиш чекор назад кога немаш конкуренција, за да ја видиш планината од дрвото кое што сега ти ја крие.
Во мојот дом, со моите најблиски, отворивме душа. И решивме:  Да, сè уште можам. Да, и понатаму ќе победувам. Но не сакам да бидам градоначалник по инерција. Сакам да бидам избор по потреба, по убедување, по визија. А во моментов – нема таква трка без реална конкуренција и со немање стратешка партиска поставеност по хоризонтала и вертикала.

 

🔹 Струмица – прв град на Балканот со целосно електричен јавен превоз

🔹 Велосипедски патеки и модерно урбанистичко планирање – од нула
🔹 Најголемиот зелен пазар во Македонија – започнат и обезбеден
🔹 Нов генерален урбанистички план – визија за 20 години напред
🔹 Завршени фекални и атмосферски канализации во селата
🔹 Парк кај Хепинес, втор кај Тинекс, нови зелени површини
🔹 Исчистени булевари, плоштадот вратен на народот, дивоградби срушени
🔹 Нов систем на транспарентност и јавна отчетност
🔹 Струмица со најниски долгови и највисок кредитен рејтинг меѓу сите општини
🌹 Јас останувам социјалдемократ.
Не со партиска книшка – туку поради вредностите.
Верувам во солидарноста, во еднаквоста, во државата како рамо за народот.
Но не можам да молчам кога гледам немање став, немање храброст, немање волја за фронт од тие од кои најмногу се очекува!
Таа празнина ја чувствува секој вистински левичар, секој граѓанин што чека некој да каже – доста е!
Еве велам ДОСТА Е!

 

Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите.

Нов тек. Нова целост. Ова не е адут за кампања. Ова е должност кон идејата во која верувам. Народе мој, од срце ви благодарам.
Бев ваш глас, ваш застапник, ваш сограѓанин на чело. И ќе останам. Можеби не како кандидат – но како чувар на дигнитетот.
Ова не е крај. Ова е гест. Гест на зрелост, на чесност, на демократија. Да се повлечеш кога си најсилен – е најголема храброст.
Струмица ќе продолжи. Ќе свети. Ќе победува. Дури и без мене како носител. Затоа што визијата не е човек. Визијата е градот.
Со гордост, љубов и вечна благодарност, Костадин Костадинов
(Политичар кој не изгуби избори – и реши да се повлече)
пс. Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела.
Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори.
До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, напиша Костадинов на својот профил на Фејсбук.
Поврзани содржини