ПРЕДМЕТОТ „ПУЛС“ ЌЕ СЕ СУДИ ВО КРИВИЧНИОТ СУД СКОПЈЕ Во судовите во Штип и во Струмица нема технички услови, ниту доволно судии кои се без законски пречки да судат за пожарот

Врховниот суд ценел дека по конкретниот предмет треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност, законито постапување, а преку постапката ќе допринесат и за сензибилизирање на јавноста, соопшти Кривичниот суд.

720

Кривичниот суд информира дека Основниот суд Кочани им го доставил предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој беше оформен по поднесен обвинителен акт на Основниот јавно обвинителство Кочани. Врховниот суд донесе решение според кое за стварно и месно надлежен за постапување во оцена на обвинителниот акт се определува Кривичниот суд.

„Согласно решението на највисокиот суд, кој постапувал по предлог на Апелациониот суд Штип за определување на стварна и месна надлежност за постапување по предметот, Врховниот суд, анализирајќи го кадровскиот и техничкиот потенцијал на основните судови во Штип и во Струмица, како судови со проширена надлежност на територија на Апелационо подрачје Штип, утврдил дека во наведените судови нема доволен број на судии од кривична област за кои нема законски пречки да постапуваат по конкретниот предмет. Имајќи ја предвид обемноста и сложеноста на предметот, бројот на обвинети и бројот на оштетени, обемниот доказен материјал и јавниот интерес за истиот, Врховниот суд ценел дека по конкретниот предмет треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност, законито постапување, а преку постапката ќе допринесат и за сензибилизирање на јавноста, како што е наведено во решението“, соопшти Кривичниот суд Скопје.






Поради погоре наведените причини, се додава во соопштението, Основниот кривичен суд Скопје е определен како надлежен за постапката.

„Во таа насока, доставениот обвинителен акт, согласно АКМИС-системот ќе биде распределен на совет за оцена на обвинение, кој по приемот ќе го достави обвинителниот акт до обвинетите, по што ќе полне законскиот рок за приговор на истиот. По исполнување на предвидените услови за постапување, советот ќе закаже седница за оцена, а за исходот странките и јавноста ќе бидат навремено известени“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. Во предметот се обвинети 34 лица и 3 правни субјекти.

 

 

Поврзани содржини