ВМРО-ДПМНЕ ЗА 1 ГОДИНА ГО ИЗГРАДИ ОНА ШТО СДСМ И ДУИ НЕ МОЖЕА НИТУ ЗА 7 Се градат 3 автопати, возовите се вратија, воведени се 11 нови авиолинии
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за една година покажа како со интензивна, посветена и чесна работа можат да се завршат и да се отпочнат големи инфраструктурни проекти, со цел внатрешно и меѓународно поврзување на државата, соопшти партијата.
По наследениот пустош, се градат темелите во инфраструктурата, Македонија инфраструктурно се развива, модернизира и трансформира, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за една година покажа како со интензивна, посветена и чесна работа можат да се завршат и да се отпочнат големи инфраструктурни проекти, со цел внатрешно и меѓународно поврзување на државата. Тоа што владата на СДСМ и ДУИ не можеше да го изгради за седум години власт, ВМРО-ДПМНЕ го реализираше за само една година“, соопшти партијата.
За една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението, пуштени се во употреба делницата Градско-Фариш која е дел од експресниот пат Градско-Прилеп во вредност од 37,4 милиони евра и со должина 15,5 км, како и експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, во должина од 25,4 километри, вредност од околу 98 милиони евра.
„Почна изградбата на автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, автопатот Гостивар-Кичево (Букојчани) во должина од 30,3 километри, како и автопатската делница Прилеп-Битола во должина од 39,3 километри. Во завршна фаза е изградбата на автопатот Кичево-Охрид во должина од 40 километри, од кој за скоро време се очекува да биде пуштена во употреба делница Врбјани-Охрид“, се вели во соопштението.
Во врска со патната инфраструктура, се додава, отпочнати се 225 проекти во прва фаза во висина од речиси 48 милиони евра и 615 инфраструктурни проекти во втора фаза во висина од речиси 113 милиони евра. Целосно е реконструиран регионалниот пат Охрид-Свети Наум, во должина од 24,5 километри, со вредност од 11,6 милиони евра.
„Паралелно со патната инфраструктура се развива и се модернизира железничкиот сообраќај, така што се пушти во употреба пругата на Коридор 8, Куманово-Бељаковце во вредност од 43 милиони евра и во должина од 31 километар. Отворена е нова железничка линија од Скопје до Куманово и од нула функционални локомотиви за само 3 месеци од мандатот 11 локомотиви се ставија во употреба и со тоа се нормализираше железничкиот сообраќај во Македонија“, соопшти партијата.
Со Договорот склучен со Обединетото Кралство, се додава, ќе се гради брза двоколосечна пруга на Коридор 10, од Табановце до Гевгелија, која ја поврзува Македонија со Србија и со Грција. Воведени се 11 нови авиолинии од двата аеродроми и обезбедени се речиси 6 милиони евра финансиска поддршка.
„Почна постапка за трет мобилен оператор, ќе се отворат нови работни места и ќе донесе конкуренција на пазарот за пониски услуги за граѓаните. Во изминатата година се водеше особена грижа и за ранливите категории за која цел, беа доделени над 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.