Дали навистина некои тоа го посакуваа(т) и овде?

Иако нема ама баш ниту една допирна точка помеѓу тоа „таму“ и ова „овде“, уште помалку во разрешниците на трагедиите помеѓу Нови Сад и Кочани, македонската „пајтон интелигенција“, секогаш подготвена да подметнува, инсинуира, нагрдува и пророкува, успева(ше) да пронаоѓа сличности, да ја натегнува „врската“ до пукање, само за да докаже дека и кај нас се случува некаков државен заговор, партиска манипулација, криминално заташкување …

499

Како што деновиве полека се одмотува – или, попрво, уште повеќе се замотува? – македонската евроинтегративна приказна, речиси истото се случува и со политичката ситуација во Белград, релација којашто за земјава има големо значење не само заради тоа што Србија е соседна држава. Кај нас копјата околу Србија се кршат на минимум два фронта, со различен учинок. Но со белградската видовденска разврска стана појасно што било тоа што некои овде го посакуваа(т) односно како ги идентификуваа(т) случувањата таму и овде. Иако нема ама баш ниту една допирна точка помеѓу тоа „таму“ и ова „овде“, уште помалку во разрешниците на трагедиите помеѓу Нови Сад и Кочани, македонската „пајтон интелигенција“, секогаш подготвена да подметнува, инсинуира, нагрдува и пророкува, успева(ше) да пронаоѓа сличности, да ја натегнува „врската“ до пукање, само за да докаже дека и кај нас се случува некаков државен заговор, партиска манипулација, криминално заташкување …

Па дрдореа за некакви „балкански механизам на властите“, за непочитување на законите да се избегне одговорноста, за прикриени агенди и лоши истраги, посакувајќи и кај нас да се случи нова студентска револуција што ќе ја стресе власта, сонуваа за некакви милиони граѓани кои би им се приклучиле и слично, само и само да се детронизира домашната власт што им е трн во окото, да се вратат оние корумпирани криминалци од бившата коалиција, а со неа и уште поцрни денови од оние што ги живеевме изминатите седум години. Зашто, замислете ги на пример истите, кога сега како повторувачи би се вратиле на власт. Па и со Филипче како премиер, па оние другине … Ужас!






Но за спомнатите, за онаа малоумна шалабајзерска „интелигенција“ тоа ќе беа нови светли денови на просперитет на лагата, на нови бранови безочни махинации со државните ресурси, на нова коруптивна пролет.

И плачеа „нашиве“ што „молчат студентите, молчат институциите, молчат јавните личности, молчат таканаречените интелектуални елити, молчат медиумите, молчи партизираната јавност“ …, молчат сите освен нив – самонаречените „храбри исчекори“ – кои ја откривале вистината „експресно и громогласно“ (sic!). Каков јад, каква беда од луѓе кои во едно претходно време се беа удобно покриле со наметката наречена „општествено-политички работници“ и од таа позиција удираа по сè што беше спротивно на тогашната социјалистичка власт, за да подоцна се стават на распродажба „кој ќе даде повеќе“, но главно повторно држејќи се до скутот на некогашните газди, сега трансформирани во демократи и либерали.

И сега, привикувајќи го Белград во Скопје, гледаме што и зошто посакувале: општи немири наводно предизвикани од кочанската трагедија, коишто потоа ќе послужеа како „алиби ала Вучиќ“ за интервенција на полицијата, па потоа – ако имало Господ – и насилна смена на власта. Е, ама таков Господ – немало! Па викаа по народот, се лутеа зошто никој не се буни поагресивно, секој ден изнаоѓа нови и нови „аргументи“ против истрагата за трагедијата итн. А се покажа и дека барањето сличности помеѓу двете трагедии е само натегната манипулација бидејќи македонската истрага почна и заврши во законски рок и со едно чудо јасни обвиненија, а српската, за жал, и по девет месеци не е ни на почетокот! И, како што се движат нештата, нема ни да мрдне од место. Вучиќ, очигледно е тоа одамна, нема ама баш никаква намера да го расчистува случајот. Тој попрво би ги расчистил студентите – што и го прави! – и белграѓаните кои им се придружија, ако треба дури и со сурова сила.

Ама тоа таму не било „страховлада“, туку тоа се случува во Македонија, каде таа, страховладата, „ја држи под контрола ситуацијата“!

И во сите тие конструкции и измислици на локалниве „општествено-политички“ шарлатани, се најде – ни крив ни должен – дури и некој министер за здравство од регионот кој, велат, веднаш си поднел оставка заради смрт на пациентка, ама кај нас власта не знаела ни што е тоа морал, уште помалку што е одговорност. Но „забораваат“ да го идентификуваат примерот со „шефот“ на опозицијата кому како министер за здравство живи му изгореа 14 пациенти, ама не поднесе оставка. Ниту пак тие му ја бараа!

Но, она што е уште поинтересно, е фактот што додека едни кај нас ја (зло)употребуваат ситуацијата во Србија барајќи некакви идентификации и слични разврски, други со децении бараат начини како дефинитивно да ги поматат односите на Македонија и со тој сосед, ставајќи нè во некаква „оска Вучиќ, Орбан, Додиќ“, па дека „гордо од ’мостот на смртта‘“ сме му мавтале на некакво балканско и македонско зло, упорно го легнуваат Вучиќ „во смртна постела“ … и слични будалаштини. И сето тоа, се разбира, си има своја причина, а веројатно и цена. А згора на сè, обичните луѓе во БиХ, Црна Гора, Косово и ние во Македонија сме плаќале некаков „вид на данок на крв“ заради „српскиот свет“! Па, ве молам.

А сепак, не треба човек да е којзнае колку паметен за да ги види плитките цели на ваквите манипулации, обидите за дестабилизација на државата и враќање на она седумгодишно коруптивно-криминално зло. И дека, конечно, ние навистина плаќаме даноци, но тоа се данокот на глупоста на вакви шарлатански групации, данок на омразата, на непочитувањето, на политикантството … И после: нè ставиле во некаков „српски свет“! Кој тоа „нè ставил“? Или – сме се ставиле, толерирајќи вакви будалаштини во името на некаква демократија и слобода на говорот?!

Поврзани содржини