ЌЕ НАПРАВИМЕ СЀ ЗА ДА ГИ ПОЧНЕМЕ ПРЕГОВОРИТЕ, НО НЕ КАКО „МОДЕРНИ“ МАКЕДОНЦИ Мицкоски го праша Филипче зошто преговарале за нешто што не можеле да го испорачаат
Во однос на тезите на Филипче за чист македонски јазик и идентитет, премиерот праша зошто воопшто претходната влада преговарала, ако никој немал право да преговара за тоа.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцираше дека Владата ќе стори сѐ да ја внесе Македонија во ЕУ со македонски идентитет и јазик, а не како „модерни“ Македонци. Тој рече дека се видело дека суштината на Бугарија не е Бугари во Устав, туку да создаде нов „модерен“ македонски идентитет и јазик, нешто на што ВМРО-ДПМНЕ предупредувало кога се прифаќаше Францускиот предлог.
Премиерот Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче, потсети дека во 2022 година кога се преговарал Францускиот предлог, ВМРО-ДПМНЕ не одбило да учествува, туку дека ВМРО-ДПМНЕ барало и нудело соработка, што тогаш не било овозможено.
– Што се однесува до трите етнички заедници кои ги споменавте, јас немам проблем и 30 да ставиме во Уставот, но имам проблем да разговарам на тема во која некој нас континуирано нѐ негира, континуирано нѐ успорува и го ускратува правото да бидеме тоа што сме. Исто така имам право да се сомневам дека тоа не е последната или не знам која по ред отстапка која треба да ја направиме, а притоа да не ја завршиме трката, повторно по пат нешто ново да ни се случи. Таков е оној предлог за кој зборувавте, Францускиот предлог, кој можеби е единствениот во современа Европа во која членството на една држава во рамките на ЕУ зависи од комисијата која ја толкува историјата. Јасно стои во Протоколот потпишан од тогашниот министер за надворешни работи дека мора комисијата да ја заврши својата работа пред Македонија да стане членка на ЕУ. И да бевме во тој тим кога се преговараше тој договор, немаше тоа да го прифатиме. Ако е тоа условот, нема да прифатиме – рече Мицкоски.
Во однос на тезите на Филипче за чист македонски јазик и идентитет, премиерот праша зошто воопшто претходната влада преговарала, ако никој немал право да преговара за тоа.
– Повторувате чист македонски јазик и идентитет, а велите од друга страна никој нема право да преговара. Тогаш зошто сте преговарале ако никој нема право? Зошто сте преговарале, за мнозинството граѓани, а не сте ги прашале и знаете дека сте немате услови да го испорачате тоа што сте го преговарале? Тогаш на лидерска средба во Клубот на пратеници ви реков дека ова нема да помине, ако е вака како што е. Предложив и две измени за да помине и бев одбиен – рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека нема ништо нелегитимно и ненормално да бараме Македонци да има во Министерски совет кој управува со комитет за етнички прашања каде не се само Ерменци, Роми и Турци, туку и Власи и Евреи, но ги нема Македонците. Тој потсети дека има 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кои што велат дека Бугарија треба да дозволи ОМО Илинден Пирин да се регистрира.
– И ако тие велат Бугари во Устав, ние можеме да побараме Македонците да бидат дел од тој Министерски совет кој го води тој Комитет за етничките заедници – додаде Мицкоски.
Во однос на извештајот во Европскиот парламент, Мицкоски потсети дека и во минатите години тој не е изгласан.
– Тука бугарските претставници преку еден европратеник кој излезе во името на неколку групи вклучително ЕНП, Социјалистите каде се СДСМ, Либерали, Зелени, рече да се модифицира македонскиот идентитет и јазик со зборот „модерен“. Суштината не е Бугари во Устав, туку да се создаде нов, модерен македонски идентитет и јазик. И тоа е суштината на Францускиот предлог, иако предупредувавме. Имаме сега две недели, ќе продолжиме да работиме, сите заедно треба да се обединиме. Така што можам да ви кажам ќе сториме сѐ што е во наша моќ да ги почнеме преговорите, но тоа нема да го направиме како „модерни“ Македонци – нагласи премиерот Мицкоски.
Филипче го обвини Мицкоски за непоследователност и политичко манипулирање со европската агенда.
– Тврдевте дека може да се смени нашата позиција во рамки на Преговарачката рамка. Потоа рековте „лага е дека сме барале промени на Преговарачката рамка. Нашата позиција останува уставни измени со одложено дејство како гаранција дека ќе нема нови условувања“ – рече Филипче.