КАДЕ ИСЧЕЗНА ХАМНЕИ? Иранците цела недела си го бараат врховниот лидер

Хамнеи, кој го има последниот збор во донесувањето клучни одлуки во Иран, не е виден јавно ниту одржал говор речиси една недела и покрај вонредната криза со која се соочува неговата земја.

643

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, не е виден јавно ниту зборувал речиси една недела, што ги изненади и вознемири сите: од политичките инсајдери до јавноста, објави „Њујорк тајмс“.

Додека Иранците гледаа на државната телевизија, водителот на дневникот постави прашање за кое размислуваат многу луѓе во земјата, од политичката елита до оние на улиците.






– Луѓето се многу загрижени за врховниот лидер, му рече водителот на службеник од канцеларијата на ајатолахот. „Можете ли да ни кажете како е?“

Тој истакна дека гледачите испратиле многу пораки со истото прашање.

Меѓутоа, службеникот Мехди Фазаели не даде директен одговор.

Наместо тоа, Фазаели рече дека самиот добил бројни прашања од службеници и други загрижени за ајатолахот по израелските и американските бомбардирања.

– Сите треба да се молиме, рече Фазаели. Луѓето одговорни за заштита на врховниот лидер добро си ја вршат работата – додаде тој.

Хамнеи, кој го има последниот збор во донесувањето клучни одлуки во Иран, не е виден јавно ниту одржал говор речиси една недела и покрај вонредната криза со која се соочува неговата земја.

Само во изминатите неколку дена, САД бомбардираа три ирански нуклеарни објекти, на што Иран одговори со лансирање ракети кон американската база во Катар, а Иран и Израел се согласија на прекин на огнот што стапи на сила во вторникот наутро.

Во текот на сето тоа, Хамнеи, за кого официјалните лица велат дека се криел во бункер и се воздржува од користење електронски комуникации за да спречи обиди за атентат, остана отсутен и не објави никакви изјави или снимени пораки.

Неговото отсуство ги изненади и вознемири луѓето од различни делови на иранското општество.

Мохсен Калифа, главен уредник на дневниот весник „Канеман“, фокусиран на недвижности, во едно интервју изјави дека „неколкудневното отсуство на Хамнеи е многу загрижувачко за сите што го сакаат“.

Признавајќи ја можноста што би била незамислива пред две недели, Калифа додаде дека ако Хамнеи е мртов, неговиот погреб ќе биде „највеличествениот и историски“.

Поврзани содржини