„ПРАЈД НЕ НИ ТРЕБА, НИ ТРЕБА СТРУЈА“ Орбан ѝ порача на Фон дер Лајен да не вмешува прсти во внатрешната политика на Унгарија

Унгарскиот министер за правда, Бенс Тусон, ги предупреди амбасадорите на ЕУ дека ниту тие ниту нивните соработници не смеат да учествуваат на Парадата на гордоста во Будимпешта бидејќи собирот е забранет и може да се третира како кривично дело. Сепак, повеќе европратеници најавија дека ќе присуствуваат на настанот, демонстрирајќи солидарност и отпор кон забраната.

251

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, изјави дека Европската комисија (ЕК) треба да се воздржи од мешање во спроведувањето на законите во земјите-членки, реагирајќи на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во врска со одржувањето на Парадата на гордоста во Будимпешта.

Фон дер Лајен претходно ги повика унгарските власти да го овозможат настанот планиран за претстојниот викенд, објави МТИ.






„Парадата на гордоста во унгарската престолнина мора да се одржи без страв од кривично или од административно гонење на организаторите или на учесниците. Ѝ кажувам на ЛГБТИК+ заедницата во Унгарија и насекаде на друго место дека секогаш ќе бидам нејзин сојузник“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс.

Како одговор, Орбан рече дека ЕК „нема никаква улога“ во внатрешните работи на спроведувањето на законот во земјите-членки и побара наместо тоа да се фокусира на, како што наведе, „итните предизвици со кои се соочува ЕУ, како што се енергетската криза и падот на конкурентноста“, каде што Комисијата, според неговите зборови, има јасна одговорност и каде што „направила сериозни грешки во изминатите години“.

Во Будимпешта, од една страна, полицијата ја забрани парадата на гордоста, додека градоначалникот Гергели Карачони, противник на десничарскиот владин претседател Виктор Орбан, одлучи да го одржи собирот.

Министерот за правда, Бенс Тусон, испрати писмо до амбасадорите на другите земји од ЕУ во кое наведе дека ниту тие ниту нивните соработници не треба да учествуваат во поворката.

„Правната ситуација е јасна, на Парадата на гордоста е забрането собирање“, напиша тој во писмо во кое увид имале француските медиуми.

И покрај забраната, бројни европратеници објавија дека имаат намера да дојдат во Будимпешта и да учествуваат во поворката в сабота.

Организаторите на парадата предвидуваат рекорден број учесници, и покрај тоа што го велат Орбан и членовите на неговата влада.

Премиерот ги советуваше организаторите „да не се мачат со подготовка на поворката оваа година“.

– Тоа е губење пари и време – рече тој пред да гласа за законските измени насочени кон забрана на Прајдот во име на „заштита на децата“.

Забраната беше официјално објавена на 19 јуни, но либералниот градоначалник на Будимпешта вети дека митингот ќе се одржи, тврдејќи дека станува збор за локален настан за кој не е потребна дозвола од властите.

Властите, од друга страна, побараа поворката да се одржи на затворено место, како што е стадион или хиподром, подалеку од погледот на малолетници.

Поврзани содржини