🎥 МОНТИ ПАЈТОН ПОЛОВИНА ВЕК ВО БОРБА СО ЦЕНЗУРАТА Ова е сцената од „Животот на Брајан“ која застапниците на трансродовата агенда бараат да се забрани

„Сцената со Лорета“ веќе со децении им боде очи на луѓето кои се залагаат за трансродовоста. Погледнете ја сцената и прочитајте го транскриптот. Ова е лектира. Класичен пример зошто и луѓето кои се претставуваат за најлиберални умови и најголеми демократи понекогаш не го трпат сатиричниот поглед на реалноста.

629

Одвреме-навреме на социјалните мрежи се лиферуваат коментари во кои застапниците за повеќе родови идентитети бараат култната група Монти Пајтон да исфрли една контроверзна сцена од филмот „Животот на Брајан“, бидејќи таа наводно била „старомодна“ или „потенцијално болна“ за денешната публика. На оваа тема деновиве пак се појавија коментари на Фејсбук, како и потсетување на тоа дека Монти Пајтон не трпи цензура. 

Полемиката датира од 2023 година, кога во дел од медиумите почнаа да се појавуваат извештаи дека некои актери во новата театарска адаптација на „Животот на Брајан“ („Life of Brian“) во САД, предложиле да се исфрли „Сцената со Лорета“, сметајќи дека денес е „неприфатлива“ и дека може евентуално да навреди луѓе со „поинакви родови чувства“. Лидерот на групата Џон Клиз (John Cleese) тогаш енергично изјави дека нема намера да попушти на ваквите барања и дека сцената останува дел од театарската адаптација во Велика Британија и во САД.

Која е култната група Монти Пајтон?

Пред да го прикажеме видео-записот од спорната „Сцена со Лорета“ и пред да објавиме транскрипт од сцената за тие кои послабо се снаоѓаат со англискиот јазик, да потсетиме на фактот дека Монти Пајтон (Monty Python) претставува една од највлијателните и најреволуционерни хумористични групи во историјата на телевизијата и на филмот. Формирани во доцните 1960-ти од шестмина британски и американски комичари (Џон Клиз, Ерик Ајдл, Мајкл Пејлин, Тери Џонс, Греам Чапман и Тери Гилијам), тие го создадоа култното ТВ-шоу „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ (1969–1974), кое направи пресврт во тогашниот британски хумор. Со апсурд, интелектуална игра со јазикот, гротеска и со сатира на британскиот систем, монтипајтоновци директно се судрија со традиционалните форми на комедија и му дадоа на хуморот субверзивна димензија.

Влијанието на Монти Пајтон се чувствува не само во британската култура, туку и во целиот свет. Тие инспирираа генерации комичари. Нивниот стил стана синоним за интелигентен, но и апсурден хумор. Сценаријата со нелинеарна структура, исклучителните игри со логиката и формата, како и политичките и социјални коментари, ја сместија групата во пантеонот на светската сатира.

„Животот на Брајан“ – симбол на сатирата против догмата

Филмот  „Животот на Брајан“ (1979) е третото и едно од најконтроверзните дела на Монти Пајтон. Филмот е снимен под режија на Тери Џонс, со продукциска поддршка од Џорџ Харисон (екс-Битлс), откако студиото се повлече поради верскиот контроверзен материјал. Приказната го следи ликот Брајан Коен, Евреин кој случајно е роден на ист ден и веднаш до Исус Христос, поради што луѓето постојано го мешаат со месијата. Наместо да биде духовен водач, Брајан е човек што се заплеткува во политички, верски и апсурдни ситуации во Јудеја под римска окупација.

Филмот ја исмејува догматичноста на религиозните и na политичките движења, како и склоноста на масите да бараат водач по секоја цена. Сите главни улоги (вклучувајќи ги и женските ликови) ги толкуваат членовите на Монти Пајтон, особено Греам Чапман (како Брајан), Џон Клиз, Мајкл Пејлин и Ерик Ајдл. Иако беше забранет во многу земји (вклучително и во некои делови од Британија), со текот на времето „Животот на Брајан“  стана култен филм и симбол на сатирата против догмата.

А сега, фамозната „Сцена со Лорета“!

„Сцената со Лорета“ (Loretta Scene) е една од најпознатите сцени од филмот. Во неа, претставници на револуционерната група „Народен фронт на Јудеја“, дебатираат меѓу себе, откако ликот Стен (го игра Мајкл Пејлин) изјавува дека сака да биде жена и да се вика Лорета, барајќи „право да раѓа деца“. Иако нема физичка можност за тоа, другите членови на групата (вклучувајќи ги и ликовите на Џон Клиз и Греам Чапман) негуваат бизарна, но политички коректна дискусија за тоа дали „Лорета“ има право да го изрази својот идентитет и да бара поддршка за нешто што е биолошки невозможно. Ова е таа сцена:

Еве и транскрипт на македонски јазик на целата сцена:

ЏУДИТ: Навистина чувствувам, Реџ, дека секоја антиимперијалистичка група како нашата мора да одразува таква дивергенција на интереси во рамките на својата база на моќ.

РЕЏ: Се согласувам. Френсис?

ФРЕНСИС: Да. Мислам дека гледиштето на Џудит е многу валидно, Реџ, под услов Движењето никогаш да не заборави дека е неотуѓиво право на секој маж…

СТEН: Или жена…

ФРЕНСИС: Или жена… да се ослободи од себе…

СТEН: Или од неа…

ФРЕНСИС: Или нејзината…

РЕЏ: Се согласувам…

ФРЕНСИС: Ти благодарам, брату.,.

СТEН: Или сестро…

ФРЕНСИС: Или сестро. За што зборував јас?

РЕЏ: Мислам дека заврши.

ФРЕНСИС: О. Точно.

РЕЏ: Понатаму, тоа е право по раѓање на секој маж…

СТEН: Или жена…

РЕЏ: Зошто не замолчиш за жените, Стен. Гњавиш…

СТЕН: Жените имаат совршено право да бидат дел од нашето движење, Реџ.

ФРЕНСИС: Зошто секогаш зборуваш за жените, Стен?

СТАН: Сакам да бидам жена.

РЕЏ: Што?!

СТАН: Сакам да бидам жена. Отсега, сакам сите да ме викате „Лорета“.

РЕЏ: Што?!

ЛОРЕТА: Тоа е мое право како маж.

ЏУДИТ: Но, зошто сакаш да бидеш Лорета, Стен?

ЛОРЕТА: Сакам да имам бебиња.

РЕЏ: Сакаш да имаш бебиња?!

ЛОРЕТА: Право на секој маж е да има бебиња, ако сака.

РЕЏ: Но… ти не можеш да имаш бебиња!

ЛОРЕТА: Не ме угнетувај!

РЕЏ: Не те угнетувам, Стен. Немаш матка! Каде ќе се зачне фетусот?! Ќе го чуваш во кутија?!

ЛОРЕТА: (Плаче)

ЏУДИТ: Еве, јас имам идеја… Да претпоставиме дека се согласувате дека тој всушност не може да има бебиња, нема матка, што не е ничија вина, дури ни на Римјаните, но дека може да има право да има бебиња.

ФРЕНСИС: Добра идеја, Џудит. Ќе се бориме против угнетувачите за твоето право да имаш бебиња, брате… Сестро… Извини…

РЕЏ: Која е поентата?

ФРЕНСИС: Што?

РЕЏ: Која е поентата да се бориме за неговото право да има бебиња кога тој не може да има бебиња?!

ФРЕНСИС: Тоа е симбол На нашата борба против угнетувањето.

РЕЏ: Симбол за неговата борба против реалноста…

Вистинските лица на цензорите

Речиси е неверојатно како оваа сцена, напишана, одиграна и снимена во 1979 година, значи пред цели 46 години, ја предвидува сржта на тогашните, но особено на идните дебати околу феминизмот, трансродовоста и родовите идентитети. Оваа сцена веќе половина век се анализира како пример за тоа како Монти Пајтон прават сатира со сериозни социјални теми без експлицитно да навредуваат, туку користејќи ја логиката на ликот како огледало за општествените апсурди.

Но… За жал, не мислат сите така и не се спремни сите да ја прифатат оваа сцена од филмот „Животот на Брајан“ како сатирична алузија на тие дебати, претставени преку призмата на апсурдот. Со притисокот да се отстрани оваа сцена од филмот – филм некогаш и целосно ставан во  бункер – некои гласни и агресивни застапници на трансродовата агенда и денес го откриваат го откриваат својот лик на цензори.

Монти Пајтон засега одолева на притисоците. Нема белким да попуштат после половина век притисоци и контроверзи?!


Поврзани содржини