ДВАЈЦАТА ПОРАНЕШНИ ДИРЕКТОРИ НА ОНКОЛОГИЈА ДОБИЈА 30-ДНЕВЕН ЗАТВОРСКИ ПРИТВОР Апелација ги уважи жалбите на Обвинителството

Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на мерката „куќен притвор“ за поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев за случајот „Онкологија“. Обвинителството побара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, додека Васев побара од судот да се брани од слобода. 

289

Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на Основното јавно обвинителство Скопје по мерките куќен притвор и им определи мерка ефективен притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и поранешниот организациски директор Нехат Нухи за случајот „Онкологија“.

Во Апелациониот суд во Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на мерката „куќен притвор“ за поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев за случајот „Онкологија“. Обвинителството побара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, додека Васев побара од судот да се брани од слобода.






Апелациониот суд Скопје, попладнево преку соопштение информира дека е уважена жалбата на Обвинителство и се определува мерка притвор.

„Постапувајќи по предметот КСЖ-595/25 оформен против обвинетиот Н.В. од С., по одржана јавна седница на ден 20.06.2025 година ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, против Решението на кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје КСП.бр.339/25 од 23.05.2025 година, и истото го преиначи на начин што ја укина мерката куќен притвор определена према обвинетиот Н.В. од С., поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ, кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 1 в.в. член 45 в.в. член 22 од КЗ, кривично дело Измама во службата од член 355 став 3 в.в. став 1 в.в. член 45 в.в. член 22 од КЗ и кривично дело Проневера во службата од член 354 став 3 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ, а поради постоење на причините за мерката притвор определени со одредбата од чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривичната постапка и  ОПРЕДЕЛИ мерка притвор во траење од 30 дена“, информира Апелациониот суд Скопје.

На јавна седница во Апелација  по жалбите на мерката „куќен притвор“ за поранешниот организациски директор на Клиниката за онкологија Нехат Нухи за случајот „Онкологија“, обвинителството побара укинување на куќниот и определување ефективен притвор, поради опасност од бегство, додека Нухи пред Судот изјави дека е невин и дека нема да се даде во бегство.

Од Апелациониот суд Скопје, преку соопштение по седницата информира дека е уважена жалбата на Обвинителство и се определува мерка притвор и за Нехат Нухи.

„Постапувајќи по предметот КСЖ-594/25 оформен против обвинетиот Н.Н. од С., по одржана јавна седница на ден 20.06.2025 година ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, против Решението на кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје КСП.бр.340/25 од 23.05.2025 година, и истото го преиначи на начин што ја укина мерката куќен притвор определена према обвинетиот Н.Н. од С.,  поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 1 в.в. член 45 в.в. член 22 од КЗ, кривично дело Измама во службата од член 355 став 3 в.в. став 1 в.в. член 45 в.в. член 22 од КЗ и кривично дело Проневера во службата од член 354 став 3 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ в.в. со член 24 од КЗ, а поради постоење на причините за мерката притвор определени со одредбата од чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривичната постапка и  ОПРЕДЕЛИ мерка притвор во траење од 30 дена“, се вели во соопштението од Апелација.

Вака донесените одлуки со образложени причини за истите, од Апелација информираат дека ќе бидат објавена во целост на веб страната на Судот согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

За предметот „Онкологија“, Основното јавно обвинителство поднесе две обвиненија со кои се опфатени двајцата поранешни директори на Клиниката и четворица доктори онколози. Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев е обвинет „за злоупотреба на службената положба“, „измама во службата“ и „проневера во службата“. Повеќето од дејствијата, како што информира тогаш на прес-конференција предметната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, првообвинетиот Васев во својство на службено лице директор и второобвинетиот организациски директор, ги извршиле во соизвршителство во временски период од 2018 до 2022 година.

– Кривичното дело „Злоупотреба на службената положба“ го извршиле со пречекорување на границите на своето службено областување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки, рече Гоговска Јакимовска.

Двајцата се обвинети за продолжено кривично дело „Измама во службата“, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) да изврши незаконита исплата. На тој начин, Гоговска Јакимовска рече задобувачите на лекови прибавиле значителна корист во износ од над 430 милиони денари.

Со ваквите дејствија, обвинителката посочи дека тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на државниот Буџет во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари.

Поврзани содржини