ЗАВРШЕН ЗБОР НА ОБВИНЕТИТЕ МАНЕВ, ВИДЕВСКИ, КЕШИШЕВ И ЃОРЧЕВСКИ Финишира судењето за убиствата на Вања и на Панче, ќе се обрати и првообвинетиот Палчо
На претходното рочиште бранителите Горан Бошевски, Бојан Манев и Игор Ефремов побараа Кривичниот суд да ги ослободи нивните клиенти од обвинението за убиствата, затоа претходно не постоел договор меѓу членовите на групата дека ќе извршат убиства. Бранителот на таткото, Владимир Туфегџиќ побара Александар Ѓорчевски да добие ослободителна пресуда за обвинението дека го помогнал грабнувањето на неговата ќерка Вања.
Велибор Манев, второобвинет за две грабнувања и двете свирепи убиства на Панче Жежовски (74) и на Вања Ѓорчевска (14) денеска пред Кривичниот суд ќе го даде својот завршен збор. По него пред судот ќе се обратат и третообвинетиот Боре Видевски и четвртообвинетиот за тешките злосторства, Влатко Кешишев. Свој завршен збор ќе даде и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој е петообвинет во овој кривичен процес, за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
По нив, следуваат завршните зборови на Јовица Страшевски, бранител на првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо, кој пак, ќе се обрати последен. Доколку сите овие обраќања завршат денеска, на следното рочиште ќе биде изречена пресудата за тешките злосторства.
Јавните обвинителки во своите завршни зборови побараа најстроги казни, доживотен затвор за четворицата обвинети за грабнувањата и за убиствата, а за таткото Александар соодветна затворска казна.
На претходното рочиште бранителите на Манев, Видевски и на Кешишев побараа Кривичниот суд да ги ослободи од обвинението за убиствата. Нивните аргументи се дека ниеден од тројцата не може да биде прогласен за соучесништво во убиство, затоа претходно не постоел договор меѓу членовите на групата дека ќе извршат убиства. Адвокатите Горан Бошевски и Игор Ефремов, кои ги застапуваат Манев и Кешишев, побараа судот да ги казни нивните клиенти само за делата грабнување. Ефремов отиде и чекор подалеку, со барање Кешишев да биде осуден само за едно грабнување, на детето Вања Ѓорчевска, во кое свесно учествувал, иако не знаел кој треба да биде грабнат, а да биде ослободен за грабнувањето на Панче Жежовски. Во своите искази Манев и Кешишев опишаа како се случиле грабнувањата и убиствата и истакнаа дека тие планирале само да грабнуваат лица и за нив да бараат откуп, но нивниот шеф Љупчо Палевски Палчо ладнокрвно ги убил Панче и Вања, а потоа им се заканувал на останатите да молчат и да го слушаат.
– Ако соизвршителот е лице кое со своите дејствија дало придонес за сторување на кривично дело, односно лице без чии дејствија не би можело да се стори кривичното дело, тогаш се наметнува прашањето кои се дејствијата на обвинетиот Кешишев без кои немало да се изврши грабнување или убиство на оштетениот Жежовски – рече адвокатот Ефремов.
Тој го бранеше Кешишев дека дејствувал од улога на потчинетост и страв од Палевски.
Бранителот на Видевски, Бојан Манев, пак, во завршниот збор ја бранеше тезата дека целото обвинение е конструкција. Неговиот клиент Видевски во исказот негираше дека учествувал во киднапирањата и убиствата. За денот на убиството на Панче, 22 ноември 2023 година рече дека бил на работа, а на денот на убиството на Вања бил во партијата Десна, каде имале активности за поддршка на МПЦ-ОА.

– Правецот по којшто е водена истрагата за овие кривично правни настани е целосно погрешен. Погрешна е и намерата да се осудат овие луѓе уште на самиот старт, со примена на мерки што не се карактеристични за овој политички систем и кои во никој случај не можат да ја утврдат вистината за случувањето на овие кривично правни настани, а со цел да се покрие аматерското работење, непрофесионалноста, неквалитетот на истрагата и незнаењето да се соочат со еден вака голем предмет, како и брзањето да се дојде до финале – рече адвокатот Манев.
Сите тројца адвокати во завршните зборови истакнаа и дека нивните клиенти биле тепани во полициска станица со цел да им се изнуди признание за делата, но и за да го посочат таткото на Вања, Александар, како соучесник, кој му одал информации на Палчо кога неговата постара ќерка ќе оди сама на училиште, за да биде грабната.
Бранителот на таткото, Владимир Туфегџиќ, во завршниот збор истакна дека Обвинителството не изнело ниту еден доказ дека Александар е виновен за помагање во грабнувањето и побара ослободителна пресуда, како единствена праведна судска одлука во случај каде „не постои ниту мотив, ниту дејствие, ниту доказ за вина“. Туфегџиќ апелираше судот да не го легитимира концептот на „вина по претпоставка“, бидејќи тоа не е право, туку неправда.
– Одбраната не само што успеа да побие сите конструкции на Обвинителството, туку и со докази, сведоштва и логичка аргументација ја потврди вистината дека Александар Ѓорчевски не е соучесник, туку е жртва. Татко што во критичниот период се однесувал како што би се однесувал секој друг родител во слична страшна ситуација – со паника, болка, очај, но и со целосна посветеност во обидот да го најде своето дете – рече Туфегџиќ.