АДВОКАТОТ ПОБАРА СУДОТ ДА ГО ОСЛОБОДИ МАНЕВ ЗА УБИСТВАТА, А ДА ГО КАЗНИ САМО ЗА ГРАБНУВАЊАТА НА ВАЊА И НА ПАНЧЕ Одбраната тврди дека Велибор не договарал убиства и немал умисла за нив
Манев немал претходен договор со другите обвинети за кривично дело убиство. Инкримиираните дејствија кои ги презел при грабнувањата, немаат елементи да претставуваат особен придонес кон извршувањето на делото убиство. Нема каузалитет помеѓу преземените дејства, поради што во однос на овие дела барам судот да донесе ослободителна пресуда, рече бранителот на Велибор Манев.
Адвокатот на Велибор Манев, Горан Бошевски, денеска од судот побара да го ослободи неговиот клиент Манев од обвиненијата за убиствата, а да го казни само за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, кои беа свирепо убиени во ноември 2023 година.
Тој потсети дека во почетокот на постапката обвинетиот Манев се изјаснил за невин за делата што му се ставаат на товар.
– За убиство, а не соизвршителство, законската дефиниција опфаќа две ситуации кога двајца или повеќемина преземаат дејствија на извршување, или ако извршуваат различни дејствија, но со иста цел или со помагање по извршување. Треба да постои претходен договор за да има соизвршителство. Треба делото да го извршат заедно. Треба да се работи за дејствија кои претставуваат особен придонес кон извршување на делото. Спорно е дали треба да се третираат како соизвршителски постапките пред делата, за кои не постои претходен договор. Кај соизвршителот, неговата улога е потребна и нужна за делото, а кај помагач не. Соизвршител за убиство може да биде само некој кој се договорил дека ќе бидат убиени лица. Во врска со двете кривични дела грабнување, по член 141 став 2 вв став1 и по член 141 став 1 вв став 22 од Кривичниот законик кои му се ставаат на товар на обвинетиот Манев, тој изнесе признание. Во поглед на овие кривични дела Судот при утврдувањето на висината на казната да утврди две одделни казни и да изрече една единствена казна затвор, имајќи ги предвид околностите и казната да ја индивидуализира на профилот на обвинетитот заради постигнување на целите на генералната превенција. Во врска со двете кривични дела убиство по член 123, став 2, точка 1 и 7 вв член 22 од Кривичниот законик и по член 123 став 2, точка 1 и точка 4, вв член 22 од КЗ, двете казниви по член 123, став 3, кои му се стават на товар со обвинителниот акт, обвинетиот негира дека ги извршил. Тој немал претходен договор со другите обвинети за такви кривични дела, нема умисла за убиства. Инкриминираните дејствија кои ги презел при извршувањето на кривичните дела грабнување, немаат елементи да претставуваат особен придонес кон извршувањето на делото убиство. Во неговите дејствија нема елементи на законското битие на кривичното дело убиство и нема каузалитет помеѓу преземените дејства, поради што во однос на овие дела барам судот да донесе ослободителна пресуда – рече бранителот на Велибор Манев.
Бошевски во завршниот збор се осврна на три работи – утврдени околности, спорни факти и елаборација на делата убиство и соизвршителство.
– Манев ги познава обвинетите, освен Александар. Го познава и Панче, кој му останал должен. Рече дека планирале грабнување, но не и убиства. Со Палевски разговарале дека е тешко да се најде напуштен објект, па Манев предложил да се направи земуница, што е сторено во 2022 година. Димензии 2,6 метри длабочина, радиус 1,6 метри. За целите на грабнувањето барале возило, не можеле да најдат, па Палевски предложил да се најде стар човек, кој ќе биде сместен во земуницата, да се искористи возилото. Манев го предложил Жежовски. Палевски се согласил, планот бил да го грабнат, да го чуваат во земуницата додека го извршат второто грабнување и да го пуштат. На 21 ноември 2023 вечерта кај Манев дошле тројцата, Палевски, Кешишев и Видевски. Однеле предмети во куќата на Манев, туби, капи, ранец итн. Ова го потрвди и Кешишев, а ова е евидентирано и на камерите од домот на Манев. Тој рече дека не извршил ресетирање на времето од летно во зимско и времето на снимките е еден час подоцна од реалното време. Утредента тргнале кон куќата на Жежовски, го чекале да излезе до кај 7.30, по што Палевски преку мотороли им рекол да му тропнат на врата, да го турнат и да го врзат. Така сториле, Палевски влегол, Панче почнал да вика, Велибор му ги врзал рацете. Палевски ги зел клучевите од „цитроенот“, зел церада. Го ставиле Панче во гепекот. По пат ставиле гориво и тогаш Палевски го фрлил телефонот на Панче – потсети адвокатот од сведочењето на Манев.
Тој рече дека грабнувањето на Панче е извршено на 22 ноември 2023 година, ден вторник. Со двете возила тргнале кон местото со дупката. Кешишев останал 300 до 400 метри подолу со „рено кангу“, а тројцата продолжиле со „цитроенот“.
– Го извадиле Панче, Велибор тргнал да го одврзува, Палевски во тој момент му испукал куршум. Го прашал Палески зошто, дека не бил таков планот, тој му рекол дека така е чисто. Велибор пак се побунил, а Палевски му се заканил: „да не си расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“. Манев носел синџир со кој требало да го врзат Жежовски и тој синџир сѐ уште е кај него дома. На 26 ноември Палевски им рекол, да ја закопаат земуницата за да не почне да мириса. Манев и Видевски отишле и ја закопале. По убиството на Панче се вратиле во седиштето Десна. Велибор го прашал Палевски зошто убиство, а тој му рекол ништо да не прашува – рече адвокатот.
Тој потсети дека вечерта во средата повторно дошле во Скопје, а Палевски ги однел до местото Дупки. Палевски им кажал дека тоа место е импровизација за следното грабнување. Таму имало лозја и нешто како градби. Во четвртокот се обиделе да ја грабнат возрасната жена, но не успеале, задоцниле. Во петок, на 24 ноември 2023 година пак отишле, планот бил да ја грабнат жената пред зграда, но излегла некоја жена од дуќанот во сутеренот и пак се откажале. Манев рече дека требало да грабнат ќерка на некој фармацевт, Палевски им покажувал слики од неа.
– Вања е грабната на 27.11.2023 година, понеделник, тоа е трет обид за грабнување. За време на викендот Палевски го преместил „цитроенот“ во Радишани, па таму отишле со „рено канго“. Тројцата влегле во „цитроенот“ и отишле пред зградата на улицата Наум Наумовски Борче. Палевски бил во „кангуто“, комуницирале преку мотороли. Со оглед на неуспешниот втор обид, сега направиле план да ја грабнат внатре во влезот, да ја однесат до подрумот. Влегле во везлот, немале поим за време, Палевски од надвор со моторолата им кажувал. Манев држел селотејп во рацете, ја грабнале Вања кога излегла од лифтот. По физиономија многу личела на жената од фотографијата. Ја врзале и ја изнеле и ја ставиле во гепек. Тргнале по Партизанска, Боре го искршил телефонот, па кон „Александар палас“ и кон Дупки – повтори адвокатот повикувајќи се на сведочењето на Манев.
Нивното движење било евидентирано на камерите од Сејф сити и од приватни камери.
– Кога стигнале, Палевски ја прашал како се вика, кој ѝ се татко и мајка. Ја извадиле, го тргнале селотејпот, го виделе и школскиот ранец и тогаш виделе дека е дете. Манев и Видевски му рекле дека е дете, да ја пуштат, дека носат маски и дека не ги видела. Но, Палевски низ перниче ја убил со пиштол. Извадил копач од „кангуто“ и им наредил на Манев и на Видевски да ископаат дупка. Тие ја ископале дупката и ја закопале Вања. Обвинетиот Кешишев рече дека копачот и двете лопати ги купиле тој и Палевски од пазар. По убиството Палевски ги избришал рачките од алатот со WD-40. После го однеле „цитроенот“ на ливада во близина и Палевски го запалил. Сите продолжиле со „реното“ кон седиштето на Десна. По пат Кешишев ги фрлил лопатите. По настаните Манев не комуницирал со Кешишев, само со Видевски. Палевски му се јавил по Телеграм дека ќе оди за Москва. Потоа се појавила полицијата од Велес кај него дома и тој ја однел на местото каде што го закопале Панче Жежовски. Нашле и чаурата, со калибар 9 мм, произведена од „Сувенир“, Македонски Брод – рече Бошевски.
Според адвокатот, на исказите на Манев се надоврзал исказот на Кешишев. Манев јасно рекол дека неговиот исказ во врска со таткото на Вања Александар Ѓорчевски не е точен и дека го дал под влијание на полициска тортура.