„ТРАМП БЕШЕ ЕМОТИВЕН, ЗАТОА ГО НАРЕЧЕ ПУТИН ЛУД“ Москва му одговори на Вашингтон за коментарите за нападот во Украина

Американскиот претседател во неделата, 25 мај, изјави на социјалната мрежа „Truth Social“ дека „нешто му се случило“ на Путин кој „полудел“, откако Русија уби 13 лица во Украина со 367 дронови и ракети. Портпаролот на Кремљ вели дека тоа е поради „емоционално преоптоварување на сите вклучени“.

3,304

Кремљ тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп покажува знаци на „емоционално преоптоварување“ откако претходно Трамп во објава го нарече Владимир Путин „апсолутно луд“ по најголемиот воздушен напад на Москва врз Украина од почетокот на војната, пишува Би-Би-Си.

Американскиот претседател во неделата, 25 мај, изјави на социјалната мрежа „Truth Social“ дека „нешто му се случило“ на Путин, откако Русија уби 13 лица во Украина со 367 дронови и ракети.






„Тој полудел. Непотребно убива многу луѓе“, напиша Трамп.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, возврати дека коментарите на Трамп се „поврзани со емоционално преоптоварување на сите вклучени“.

Нападот, кој се случи во текот на ноќта меѓу саботата и неделата, беше најголемиот комбиниран воздушен удар на Русија врз Украина од почетокот на војната. Само од недела навечер до понеделник наутро, Русија лансирала 355 дронови, при што загинале 10 лица. Украинските воздухопловни сили соопштија дека тоа бил најголемиот напад досега извршен исклучиво со дронови.

Песков изјави дека нападите се одговор на украински удари врз „социјалната инфраструктура“ во Русија. Министерството за одбрана на Русија тврди дека уништиле 20 украински дронови над неколку руски региони.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, во одговор, објави дека се укинуваат сите ограничувања за дометот на оружјето што се испорачува на Украина. Тој рече дека Киев сега има можност да напаѓа воени цели во Русија, нешто што досега не го правел.

Ројтерс јави дека Зеленски треба да отпатува во Берлин во среда, но тоа сè уште не е официјално потврдено.

Би-Би-Си побаралкоментар од Берлин дали изјавата на Мерц значи дека следува одлука за испорака на ракети „Таурус“, со дострел од околу 500 километри, далеку поголем од оружјето што досега го доби Украина. Претходната германска влада одбиваше ваков потег, стравувајќи од провокација кон нуклеарно вооружената Русија.

САД, пак, изјавија дека или ќе продолжат да посредуваат во мировните преговори, или ќе се повлечат ако нема напредок. Иако европските сојузници подготвуваат нови санкции против Русија, Вашингтон потенцира истакна дека нема да чека бесконечно за преговори.

Песков во понеделникот, 26 мај, изјави дека Русија е „вистински благодарна“ на САД и „лично на претседателот Трамп“ за улогата во иницирање на мировниот процес. Минатата недела, Трамп и Путин разговараа два часа по телефон за предложениот договор за прекин на огнот. Трамп рече дека „разговорот мина многу добро“ и дека Русија и Украина „веднаш ќе започнат“ преговори за крај на војната.

Украина јавно се согласи на 30-дневен прекин на огнот. Путин, пак, само најави дека Русија ќе работи на „меморандум“ за „можен иден мир“, што Киев и неговите европски сојузници го оценија како тактика за добивање време.

Првите директни разговори меѓу Русија и Украина од 2022 година се одржаа на 16 мај во Истанбул. Освен голема размена на воени заробеници минатата недела, досега нема видлив напредок во прекинот на борбите.

Русија во моментов контролира околу 20% од украинската територија, вклучително и полуостровот Крим.

Поврзани содржини