ЗОШТО ОБВИНИТЕЛОТ БУБЕВСКИ ГО ШТИТИ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ? Поранешниот министер е директно одговорен за случајот Онкологија, обвинува владејачката партија

Во периодот кога Венко Филипче раководел со Министерството за здравство, државниот буџет бил оштетен за над 2,2 милијарди денари, односно за повеќе од 35 милиони евра, преку измама, соопшти владејачката партија.

2,112

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска остро го обвини поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, нарекувајќи го „најлошиот министер за здравство во Македонија“.

Во соопштението на партијата се наведува дека времето додека Филипче раководел со здравствениот ресор било обележано со, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, бројни скандали, злоупотреби и системски хаос, чија кулминација бил случајот со Клиниката за онкологија.






„Додека Филипче бил министер за здравство, оштетен е Буџетот на државата преку измама, од над 2,2 милијарди денари или над 35 милиони евра. Со одлуката на ОЈО за завршување на истрагата за случајот Онкологија, поднесени се две обвиненија, но дали и зошто Филипче е изземен од случајот Онкологија? Според членот 295 од Законот за здравствена заштита, каде што стои ‘Надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство’, што значи дека Филипче бил директно одговорен за истото“, се посочува во соопштението на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали Филипче знаел дека на Клиниката за онкологија не се давала терапија на пациентите и дека лекови биле крадени и завршувале на црниот пазар во Косово. Понатаму, тие ги обвинуваат јавниот обвинител Гаврил Бубевски и судиите дека не обезбедуваат правда, туку опструираат предмети и го продлабочуваат клиентелизмот.

„Зошто омилениот обвинител на СДСМ и ДУИ, Гаврил Бубевски, не покренува истрага против Филипче, иако Филипче самиот директно или индиректно, дозволил системски хаос и непочитување на шеесетина законски одредби? Последиците од Филипче и од СДСМ во здравството се катастрофални и штетни. Судиите, избрани во Струмица и од Зајас, наместо да обезбедат правда, тие опструираат предмети и го продлабочуваат клиентелизмот. Обвинителите и судиите не го санкционираат криминалот и ги штитат политичките елити блиски до СДСМ, со што предизвикуваат ерозија на судскиот систем и недоверба во јавните институции“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија мора да функционира како правна држава, а за тоа неопходни се реформи во правосудството, се додава во соопштението.

„Неопходно е независно судство и неопходно е судството да е растоварено од политички влијанија. СДСМ останува синоним за криминал корупција и предавства“, посочуваат од владејачката партија.

 

Поврзани содржини