„СУДОТ НЕ ГО ЦЕНЕШЕ ИСКРЕНОТО КАЕЊЕ НА ВАСИЛ“ Адвокатот Дуковски смета дека затворската казна од 12 години е превисока
Секако дека станува збор за трагичен настан, но не може токму овој случај да се користи како основа за воведување нова казнена политика во Македонија. Нашиот приговор се однесува само на висината на казната – рече адвокатот.
По изрекувањето на 12-годишната затворска казна за Васил Јованов, кој на 29 јануари годинава ја прегази и ја усмрти младата Фросина Кулакова, со реакција излезе неговиот адвокат, Сашко Дуковски.
Тој најави жалба до Апелациониот суд, сметајќи дека висината на казната е непропорционална и не се вклопува во досегашната судска практика.
– Очекувана беше осудителна пресуда бидејќи признавме вина, но висината на казната не е во согласност со воспоставената пракса на Апелацискиот суд во Скопје – изјави Дуковски.
Тој потсети на претходни случаи со слични околности кои завршиле со далеку пониски казни. Како пример ја наведе сообраќајната несреќа од 2019 година, која се случила на истото место и на ист пешачки премин, а завршила со правосилна пресуда од 3,5 години затвор.
Спомена и случај во Велес, каде што сторителот, и покрај тоа што избегал од местото на несреќата, добил 8 години затвор.
– Секако дека станува збор за трагичен настан, но не може токму овој случај да се користи како основа за воведување нова казнена политика во Македонија. Нашиот приговор се однесува само на висината на казната – рече адвокатот.
Според него, судот не го ценел доволно ниту признанието на вина, ниту искреното каење на обвинетиот, како и неговата личност, што, како што вели, требало да биде земено предвид како олеснителна околност при определување на казната.
Жалбата до Апелациониот суд ќе биде поднесена во наредните денови, а адвокатот очекува намалување на затворската казна.