ЦЕЛТА Е ЕУ, НО ТРЕБА ДА ПОБЕДИМЕ И ВО ПАРИЗ, БЕРЛИН, РИМ… Мицкоски сака Македонија да биде трипати подобра од сите за да испрати порака

Ние сме еден од најмалубројните народи и држави во Европа и тоа е единствениот начин. Тоа значи дека треба да бидеме два, трипати подобри од сите други ако сакате да звучите логично и другите да ве разберат и треба да научите да победувате и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Рим... ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад, нагласи премиерот Христијан Мицкоски на Самитот Македонија 2025.

151

ЕУ беше, е и ќе остане наша цел, но за жал, ние сме единствената држава во Европа која нема предизвици втемелени на постигнувања или друг тип критериуми што важат за другите земји кои станале или се во процес да станат земји членки, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на Самитот Македонија 2025.

За нас, напомена, тие критериуми се од сосема поинаква природа.






– Дел од тие отстапки правени во минатото од голем дел од политичарите, се резултат на некои процеси во кои самите тие биле вовлечени па биле притиснати до ѕид и немале каде, дел од лекомисленост и лековерност, а дел од национална исплакнатост и неводење грижа ниту за жртвата дадена во минатото, ниту имале можност да имаат визија за иднината и сега, оваа Влада треба да живее со сето тоа и да се бори, дел од тој простор што некој претходно го зафатил, да го освои повторно. Тоа е тешко, не е лесно, но ќе се бориме – подвлече Мицкоски.

Во таа борба, вели премиерот, посветеноста е апсолутна.

– Наша стратегија беше да го зафатиме теренот и да ги претставиме нашите аргументи. Тоа е демократската алатка што ја имаме на располагање, немаме друга. Ние сме еден од најмалубројните народи и држави во Европа и тоа е единствениот начин. Тоа значи дека треба да бидеме два, трипати подобри од сите други ако сакате да звучите логично и другите да ве разберат и треба да научите да победувате и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Рим… ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад – нагласи премиерот.

Визијата на Македонија 2025 за домашната економија е нулта толеранција на корупцијата, пет отсто економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација.

Како што рече извршната директорка Никица Мојсоска Блажески во воведното обраќање на Самитот, корупцијата е најголем проблем во државата, но земјава се уште нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перцепираат како профитери, а не како креатори на работни места.

– Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придинесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус – истакна Мојсоска Блажески.

Самитот го отвори Виктор Мизо, претседавач на Бордот на директори кој најави ребрендирање на Македонија 2025.

– Има уште многу работа за Македонија да просперира, повеќе странски инвестиции, реформи во здравството и образованието, владеење на правото, борба со корупцијата – порача Мизо, нагласувајќи ја добрата соработка со Владата.

Во фокусот на Самитот се забрзување на економскиот раст, дигитализација, вештачка интелигенција, иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал со паметни инвестиции, улогата на дијаспората во националниот раст. Учесниците ќе дискутираат и за децентрализација на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, за редефинирање стратегии, за странски директни инвестиции, како и за образование на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори.

Поврзани содржини