ПОЧНА САМИТОТ МАКЕДОНИЈА 2025 Корупцијата главен проблем, но се бараат и решенија земјата да стане економски конкурентна

На првиот панел „Надвор од политиката: Економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“ ќе зборува македонскиот премиер. 

49

Нулта толеранција на корупцијата, 5% економски раст годишно, пристап до ЕУ и ефикасна јавна администрација, е визијата на Македонија 2025 за домашната економија.

Извршната директорка Никица Мојсоска Блажески во воведното обраќање посочи дека  корупцијата е најголем проблем во државата, но земјава нема консензус каква економија сака. Бизнисмените и натаму се перцепираат како профитери, а не како креатори на работни места.






-Има прогрес во Македонија, но другите растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придинесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус – рече Мојсоска Блажески.

Самитот го отвори Виктор Мизо, претседавач на Бордот на директори кој најави ребрендирање на Македонија 2025.

-Има уште многу работа за Македонија да просперира, повеќе странски инвестиции, реформи во здравството и образованието, владеење на правото, борба со корупцијата – порача Мизо, нагласувајќи ја добрата соработка со Владата.

Во фокусот на самитот се забрзување на економскиот раст, дигитализација, вештачка интелигенција, иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал со паметни инвестиции, улогата на дијаспората во националниот раст. Учесниците ќе дискутираат и за децентрализација на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, за редефинирање стратегии, за странски директни инвестиции, како и за образование на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори.

На првиот панел „Надвор од политиката: Економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“ ќе зборува македонскиот премиер.

Во рамки на Самитот ќе се организираат 5 лидерски средби, два настана за вмрежување и осум засебни обуки и работилници за компании, млади таленти и владини институции. На овие настани ќе присуствуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025. Активностите поврзани со Самитот ќе завршат на 15-ти мај.

На Самитот присуствуваат преку 500 гости – економски експерти, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави.

Поврзани содржини