ПУТИН И СИ ИСПРАТИЈА ПОРАКА ОД МОСКВА, ЗЕЛЕНСКИ ОД КИЕВ Кој ја политизира победата во Втората светска војна?

Додека рускиот претседател по разговорите со кинескиот колега во Москва рече дека Москва и Пекинг ќе се борат против неонацизмот, украинскиот лидер од Киев порача дека Украина имала клучна улога во борбата со нацистите во Втората светска војна.

786

Рускиот претседател Владимир Путин во четврток му се заблагодари на својот кинески колега Си Џинпинг за приклучувањето кон одбележувањето на 80-годишнината од големата победа над нацистичка Германија и нејзините сојузници во Втората светска војна, додавајќи дека двете земји сега стојат заедно против неонацизмот.

– По нашите преговори, ќе усвоиме цел пакет заеднички документи насочени кон унапредување на соработката во специфични области. Главниот завршен документ ќе биде заедничка изјава на највисоко ниво, чиј лајтмотив ќе биде 80-годишнината од Големата победа и живата врска на времињата – рече Путин за време на разговорите со кинескиот колега.






Си рече дека двете земји, како светски сили и постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, ќе соработуваат во спротивставувањето на унилатерализмот и хегемонијата насочени кон САД.

Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски, во видео порака снимена во Киев,  ја истакна улогата на неговата земја во ослободувањето на Европа од нацистите.

Украинскиот лидер рече дека осум милиони Украинци загинале во конфликтот и ја спореди нивната борба за слобода со сегашната војна со Русија.

Зеленски ја објави пораката во четвртокот, 8 мај, на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.

Во Москва утре треба да се одржи голема воена парада, Русија го слави 9 мај како Ден на победата. Украина ја обвини Москва дека ја политизира победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна.

Советскиот Сојуз загуби околу 27 милиони луѓе за време на Втората светска војна, потсетува ДПА.

 

Поврзани содржини