„ГРАДСКИОТ ВОЗ“ ЌЕ ТРГНЕ ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА Прво ќе се поврзат Зелениково, Драчево, Аеродром и Кисела Вода
Министерот за транспорт најави и 80 нови еко-автобуси за Скопје.
Првата линија на „Градски воз“ од Зелениково, преку Драчево, Аеродорм и Кисела Вода, па се до железничка станица Скопје, очекувам да биде во функција до крај на годината. Се работи за голема инвестиција од педесетина милиони евра вкупно за трите градски линии. Но имаме сериозна агенда и брзо ќе ја реализираме, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Она што го зборувавме за проектот „Градски воз” е во реализација, заврши физибилити студијата. За да се реализира целиот прстен како што е замислен со три полукругови, потребни се нeкаде околу педесетина милиони евра. Дел од тие средства се обезбедени во буџетот за оваа година и ЈП Железници Инфраструктура во многу скоро време, за месец дена ќе објави тендер за изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфаструктурата која што ќе се користи. Тоа ќе биде линијата од Зелениково, преку населбата Драчево, ја поставува границата кон населбите Аеродром и Кисела Вода и завршува на новата железничка станица. Очекуваме до крај на годината да е готова, многу брза агенда имаме и прва делница Зелениково-Драчево-Аеродром-Кисела Вода- железничка Скопје да имаме пред нова година. Паралелно ќе ги работиме и другите два прстени – објасни Николоски во гостување на ТВ Сител.
Тој информира дека паралелно се работи и на постапката за набавка на 120 нови еколошки автобуси.
-После тоа ќе направиме синергија со ЈСП. На барање на Град Скопје и останатите општини во финална фаза сме на подготовка на тендер за набавка на 120 еколошки автобуси од кои 80 за Градот Скопје. Кога ќе ги споите градски воз и нови модерни автобуси, јавниот превоз во Скопје ќе биде на повисоко ниво отколку што е сега и очекувам резултатите да бидат до крај на оваа или почетокот на следната година – рече Николоски.